Се воведува посебен режим на сообраќај за празникот Мала Богородица

Во врска со претстојното прославување на верскиот празник Мала Богородица, предвидено за ден 20/21 овој месец во манастирот „Св.Богородица“ кај Калишта, полициската станица од Струга ќе преземе повеќе мерки за безбедно одвивање на празникот.

Целта на целокупните превентивни активности е одржување на стабилна безбедносна состојба на подрачјето, елиминирање на можностите за вршење кражби и други казнени дела, за нарушување на јавниот ред и мир како и мерки за нормално одвивање на сообраќајот.

Со цел создавање услови за нормално и безбедно одвивање на сообраќајот, за време на одбележувањето на празникот ќе биде воспоставен посебен режим на сообраќајот. Ограничено ќе биде движењето на моторните возила по регионалниот пат Струга-Радожда, поточно, сообраќајот на оваа делница ќе се одвива еднонасочно во насока од Калишта према Струга. Истовремено, сообраќајот према Калишта ќе се одвива по магистралниот пат Струга-Ќафасан со користење на локалниот пат што од селото Франгово води кон хотелот „Изгрев“.

Заради безбедно одвивање на предвидените организациски активности за достојна прослава на верскиот празник, од СВР апелираат на почитување на предвидениот сообраќаен режим и насоките на полициските службеници што ќе го обезбедуваат подрачјето.