Градоначалникот Никола Бакрачески, денеска имаше средба со претставници на Здружението на пензионери од општините Охрид и Белчишта, на која им го честита освеното прво место на Деветнаесеттата спортска олимпијада на пензионерите на Република Македонија. Претставниците на пензионерите се заблагодарија на честитките и најавија дека нивните спортски успеси ќе продолжат и во иднина и дека со тоа им даваат пример на помладите генерации.
„Ви го честитам освојувањето на првото место и преодниот пехар на Деветнаесеттата спортска олимпијада на пензионерите на Република Македонија.Воедно, Ви ги чеситам и освоените пет златни,четири сребрени и една бронзена медаља, како и двете петти, двете седми и едното осмо место за кои се изборивте во 11 спортски дисциплини во конкуренција на 400 пензионери од 43 здруженија.На пензионерските олимпијади веќе четири години го освојувате првото место и затоа Вашите витрини ги краси големиот пехар во трајна сопственост. Тоа е круна на Вашите спортски успеси, кои се надевам ќе продолжат и во наредните години“– рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Тој додаде дека тоа е резултат на добрата организација на Здружението на пензионерите од Охрид и Дебрца, кое според резултатите е најдобро во Република Македонија.
Претседателот на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца Ѓорѓи Трпчески, му се заблагодари на градоначалникот Бакрачески за приемот и во името на нивните 9.600 членови, рече дека досегашната соработка меѓу Локалната самоуправа во иднина ќе се продлабочува.
„Како одговорна Локална власт , Ве уверувам дека ќе ги реализираме најавените проекти поврзани со пензионерите, во кој најкапитален зафат е изградбата на Домот за стари лица“- рече градоначалникот Бакрачески.
Градоначалникот додаде дека постепено, се што е договорено со потпишаниот протокол за соработка ќе се оствари и дека во меѓувреме ќе се договараат и други заеднички проекти.