Втора сесија од обуките на Високата француска школа за јавна администрација ЕНА

Во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, а со поддршка на Амбасадата на Република Франција, од 1 до 3 октомври, се спроведува обука за имплементација на законите за државни службеници и вработените во јавниот сектор, како втора сесија од циклусот обуки кои се реализираат во соработка со Високата школа за јавна администрација ЕНА од Франција.

Воведни обраќања на првиот ден од обуката која се одржува во просториите на ЗЕЛС, имаа државниот секретар во министерството, Јахи Јахија и францускиот амбасадор во Република Македонија, Лоренс Оер.

„Франција има големо искуство во оваа област, па цениме дека обуките ќе помогнат во практичното спознавање на функционирањето на другите земји во делот на вработувањето, со цел во администрацијата да имаме квалитетни и компетентни кадри кои се неопходни за соодветното работно место.“– рече државниот секретар Јахија.

„За време на втората сесија од циклусот обуки на практичен начин ќе се дискутира за прашања поврзани со вработувањето, начинот на спроведувањето на конкурсите, интервјуата при вработувањето, како и мобилноста. Реформите во администрацијата се од голем приоритет за нас, како и од аспект на механизмите на соработка меѓу Македонија и Франција, па оттука со овие обуки настојуваме да ве доближиме до европските системи.“– рече француската амбасадорка Оер.

Инаку, главен предавач на тридневната обука е Гилберт Елкаим, вонреден професор на Институтот за политички студии во Лил, Франција. Во текот на сите сесии, учесниците имаат можност да спроведат практични вежби поврзани со соодветните области.