Расте извозот, во првите 8 месеци за 17,4 % повеќе од лани

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари – август 2014 година изнесува 3 208 293 илјади САД долари, а на увозот 4 806 779 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 66.7%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – август 2014 година, изнесува 1 598 486 илјади САД долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и масла добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платина и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – август 2014 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 (77.8%) и земјите од Западен Балкан (13.9%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 (64.1%) и Останати земји, на друго место неспомнати (11.4%). Според вкупниот обем на надворешно- трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија (52.6% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).