Одбележани 1 000 години од смртта на Цар Самуил

Со пригодна свеченост општина Охрид заедно со основните училишта од градов и со дел од екипата која ќе снима филм за Цар Самуил, денеска во Охрид на Самуиловата тврдина ја одбележа 1 000 годишнината од смртта на Цар Самуиил.

Денес е ден со кој што и охриѓани и граѓаните на Република Македонија треба да се гордеат. Ден кој не потсетува на нашите предци од средновековното минато и ден кој не потсетува на нашите корени затоа што како што рекле мудреците не може да се гради сегашноста и иднината доколку не се познава добро своето минато. Од друга страна, Самуиловата тврдина е еден од најзначајните споменици на културата во Охрид и своевидна туристичка атракција, обележје на градов и како таква влегува во рамки на градските симболи: грбот и знамето . И сами знаете дека во последно време многу историчари од соседните земји и од други држави поведени од дневно политички цели прават обиди да ја присвојат историјата на Р. Македонија вклучително и наследството на Цар Самуил, односно неговото потекло и периодот на неговото живеење. Меѓутоа, она што јас сакам да го порачам е дека секогаш при градење на едно научно- историско сознание треба да се користат научни факти и аргументи врз основа на кои што понатака се гради одредена теза или теорија која што треба да биде потврдена . Ние како граѓани на Република Македонија и како охриѓани го сметаме Цар Самуил како основоположник на македонското средновековно царство и како таков го прославуваме, изјави градоначалникот Никола Бакрачески кој пред присутните имаше и пригодно обраќање.

На случувањето беа и продуцентот Дејан Милошевски , режисерот Антонио Митриќески и актерката Билјана Танески кои се дел од екипата која во наредниов период ќе снимаат филм за животот на големиот македонски владател , цар Самуил.

„Ние сме во големи припреми за еден сериозен филмски проект , да не кажам спектакл. Се работи за играниот филм “Цар Самуил“. Какао режисер и автор за мене е фасцинантно да ја доловам таа енергија и тоа време. Навистина некои локации што ги одбравме се прекрасни. Главните локации ќе бидат во Охрид, тука на Самуиловата тврдина, планината Галичица, Охридското Езеро и околу него како и Преспанското езеро. Овие локации ќе бидат главни за филмот во кој ќе учествуваат плејада македонски актери. Филмот е всушност драма меѓи двајца цареви , едниот Василиј Втори кој бил голем император во тоа време и другиот Царот Самуил кој се бори против Василиј и го формира првото средновековно македонско царство. Во филмот се работи за цар Самуил, неговата фамилија, како и многуте предавства и игри во царството. Од друа страна Василиј немал фамилија и целосно бил предаден на градење на големата византиска држава. Значи ќе бидат опфатени тие внатрешни проблеми, конфликти што ги имал цар Самуил. Значи во филмот ќе навлеземе и во приватниот живот на Самуил, ќе бидат опфатени и неговите четири ќерки и два сина“, рече режисерот Антонио Митриќески.

Актерката Билјана Танески не сакаше да открива која улога ќе ја игра но истакна дека е среќна и задоволна што е дел од големиот проект кој се прави во чест на македонскиот владател, Цар Самуил.

Предвидено е снимањето во Охрид и неговата околина да биде три до четири недели. Филмскиот проект е поддржан од Министерството за култура.