Свечена заклетва на 18-та класа на Воената академија

Свечена заклетва денеска во скопската касарна „Гоце Делчев“ дадоа питомците од 18-та класа и еден слушател од родот авијација во учебната 2014/2015 година во присуство на минситерот за одбрана Зоран Јолевски, претставници на Генералштабот и нивните семејства.

Во оваа класа школувањето го започнаа 42 студенти, меѓу кои тројца од Црна Гора, тројца од Косово и еден од Босна и Херцеговина, а 25 се за потребите на Министерството за одбрана, 7 се за потребите на странските армии и 10 студенти од цивилните насоки. Меѓу нив седум се девојки. Со дипломирањето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, питомците се здобиваат и со цивилно звање дипломиран менаџер по одбранбено-безбедносни ресурси.

Министерот Јолевски честитајќи им ја заклетвата им порача на питомците дека едукацијата е најголемата инцестиција и клучот за иднината на секој човек. Воената академија, потенцира, е срцевината на офицерскиот кор, место каде се добиваат високо обучени професионални војници, со високи морални и етички вредности.

„Вие сте тука да го штитите и браните Уставот на Република Македонија, да бидете посветени на одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на татковината, да и служите на нацијата и на другите, а потоа и на самите себе“, истакна во обраќањето Јолевски, додавајќи оти треба да имаат силно лидерство и креативност, како и критичко размислување. Значајно е, посочи, да се почитуваат и различните гледишта како камен-темелник за развој и изградување на правилни одлуки.

Добредојде на Воената академија на питомците им посака и деканот Орце Поповски и изрази уверување дека ја разбираат суштината на денеска дадената заклетва.

„Не смеете да ги заборавите зборовите од заклетвата и тие да ги загубат своето значење. Пред вас претстојат тешки денови исполнети со целосно менување на вашиот живот. Притисокот ќе биде голем, а вие постојано ќе треба да докажувате дека цврсто стоите на зборовите кои предмалку ги кажавте. Треба да покажете дека сте подготвени да успеете“, истакна меѓу другото Поповски.

Инаку, во текот на школувањето питомците ќе се стекнат со напредни познавања од воените, природните, општествените, техничките и хуманистичките науки и ќе имаат можност да се одлучат за одредени насоки. Ќе се стекнат и со неколку специфични обуки, меѓу кои обуки на ниво на поединец, одделение и вод, обуки во зимски и во летни услови, обука за управување со моторни возила, курс за командири на водови, како и учество во меѓуанродни кампуси.