Еврокомесарот за проширување на Европската унија, г. Штефан Филе, го објави годишниот Извештај за напредокот на Република Македонија, во кој Европската комисија по шести пат во низа дава препорака нашата земја да ги започне преговорите за членство во Европската унија.
Во Извештајот се даваат позитивни и негативни забелешки за сработеното во спроведувањето на реформите во клучните области. Од суштинско значење останува одржувањето добрососедски односи, компромисно и меѓусебно прифатливо решение за името, под покровителство на Обединетите нации.
Еврокомисијата преку Пристапниот дијалог на високо ниво останува посветена на евроинтегративниот процес на нашата земја.
Ова беше последен Извештај за напредокот презентиран од г. Штефан Филе, со оглед на тоа што од крајот на месецов функцијата еврокомесар за проширување ќе ја преземе г. Јоханес Хан.
Во декември, Европскиот совет треба да одлучи дали ќе ја прифати препораката од Европската комисија и ќе даде „зелено светло“ за старт на преговорите.