Орав: Извештајот годинава е посебно искрен, наведени се сите загрижувачки забелешки

Амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската унија, Аиво Орав, оствари средба со пратениците Роза Топузовска-Каревска, Солза Грчева и Љубица Буралиева, на кои им предаде копии од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.

Евроамбасадорот Орав истакна дека Извештајот годинава е посебно искрен, содржи пораки за сите, и за позицијата и за опозицијата, наведени се сите загрижувачки забелешки. Пораките се навистина сериозни и се аларм за властите во земјата. И покрај сè, Европската комисија, сепак, наведува дека се исполнети копенхашките критериуми и повторно дава препорака за почеток на преговори.

Тој изрази разбирање дека веднаш не може да се решат проблемите во сфери како судството и медиумите, но може и неопходно е веднаш да се започне со разрешување на политичкиот дијалог, двете политички партии да си подадат рака, што ќе биде во корист на земјата.

Трите пратенички беа согласни дека Извештајот е поразителен, но и најобјективен, директен и конкретен, со евидентирани недостатоци. Притоа, стана збор за политизација на државните институции, контрола над медиумите, слободата на изразување, политичката криза.

Истакнаа дека претставуваат значаен дел од опозициски настроените граѓани, но и многу неопределени луѓе кои сакаат да слушнат глас на разум и надеж. Како што беше кажано, имаат за цел да го разбијат црно-белиот свет во Македонија, да направат пробив во зајакнувањето на демократските процеси и да соработуваат со граѓанскиот сектор, кој го сметаат за клучен. Исто така, бараат вклучување во Националниот совет за евроинтеграции и промена на изборниот процес.

На средбата беше истакнато дека проблемите треба да се решаваат во Парламентот и да не се ставаат партиските и личните интереси над државните.

Присутните изразија задоволство од задржаната препорака во Извештајот и надеж дека нотираните работи ќе допрат до сите инволвирани, затоа што Македонија нема друга, освен европска иднина.