Проект за постојани поставки во 16 национални музеи низ Македонија

Во 16 национални музеи во Македонија од оваа година ќе почне поставувањето постојани поставки во рамки на проектот на Министерството за култура за периодот 2014-2017 година. Целта е да се претстави богатото културно наследство што го поседува државата како и артефакти поврзани со настани и личности од крајот на кој припаѓа музејот.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција рече дека со проектот се опфатени заводите за заштита на спомениците и музеите.

„Музејските поставки ќе ги содржат највредните артефакти кои се карактеристични за градот или регионот и ќе бидат извонредна можност домашните гости и посетителите од странство да се запознаат со непроценливите културни вредности и несоборливите факти на македонското културно наследство. Сите тие ќе добијат концепциско и ентериерно преуредување, како и воведување засилен стандардизиран безбедносен систем за музејските објекти – видеонадзор, аларм, сензорна и противпожарна заштита“, рече Канческа-Милевска.

Во рамки на проектот, во Музејот на Македонија во Скопје ќе се реконцепира постојаната историска поставка и на 2000 метри квадратни ќе бидат изложени значајни предмети и документи од целокупната македонска историја, а ќе се изврши и техничко-технолошко осовременување на постојаната етнолошка поставка. Во Скопје се предвидени значајни интервенции и во Природонаучниот музеј на Македонија, најстарата музејска установа во Македонија.

Значаен проект е предвиден во Охрид – во Куќата на Робевци ќе биде отворена соба со сите златни предмети пронајдени со археолошките истражувања во охридскиот регион. Се работи за ексклузивна поставка со повеќе од 400 експонати. Предвидено е со донација од Турската агенција за поддршка на културното наследство „Тика“ целосно да се обнови ентериерот во Куќата на Робевци, во кој ќе биде претставена и реконципирана поставка, посветена на животот и делото на ова старо охридско семејство.

Во Прилеп ќе се конципира постојана етнолошка поставка, како и обнова на поставката во Спомен-куќата на Кузман Јосифовски-Питу. Во Крушево активно ќе се работи на постојаната поставка во објектот Леарница, а ќе биде реконципирана и постојаната поставка во Музејот на Илинденското востание. Историскиот музеј во Крушево ќе ја реконципира и постојаната поставка во Музејот на НОБ како и музејската поставка во Галеријата на Никола Мартиноски.

Во Битола, каде што веќе се оформени и презентирани археолошка, историска и етнолошка поставка, кои опфаќаат над илјада експонати, предвидено е проширување и осовременување на постојаната поставка со предмети кои ги рефлектираат процесите во 19 и 20 век. Поставката ќе биде надополнета со значајни експонати од конзулскиот период на Битола. Во овој град е предвидено да се осовременат и постојаните поставки во: Меморијалниот музеј во Смилево, спомен-куќите на Гоце Делчев и на Стив Наумов, а треба комплетно да се заврши и уреди и Спомен-куќата на Татарчеви во Ресен. Нова постојана етнолошка поставка ќе добие и Музејот на албанската азбука.

Во Штип во ноември ќе биде промовиран новиот Музеј на познати штипјани, во Струмица ќе се осовремени Галеријата на икони „Св. 15 тивериополски маченици“ и реконцепирање на постојаните поставки во Спомен-куќата на Благој Јанков-Мучето и во Староградската куќа (Турска пошта).

Најзначајните артефакти пронајдени на археолошкиот локалитет Стоби ќе бидат изложени во новата постојана археолошка поставка која ќе се смести во објектот Стара железничка станица, во чиј дворен простор ќе се оформи и лапидариум.
Нови поставки ќе има и во Тетово, Струга, Гевгелија, Кичево, Куманово и Гевгелија.

Министерката за култура ги повика директорите на музејските институции да придонесат во реализацијата на проектот и постојано да воведуваат нови облици на интерпретација и презентација на музејските предмети.

Таа најави и два значајни настана овој месец – идната сабота отворање на новиот објект на Археолошкиот музеј , во кој ќе биде презентирана ексклузивна археолошка поставка, а на 26 октомври ќе биде промовирана и новата постојана поставка во Музејот на Македонија, посветена на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија.