Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание во Република Македонија упати честитка до граѓаните на Република Македонија во која стои:
„Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание. На овој историски ден во 1941 со нападите на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев” врз полициската станица и затворот во Прилеп започна востанието против фашистичката окупација и беше најавена организираната народно ослободителна борба.
Преку оваа борба нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава. Токму со 11 октомври и НОБ застанавме на страната на антифашистичката коалиција. Македонските граѓани знаеја да го изберат доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата и да застанат против фашизмот како едно од најголемите зла во човечката историја.
Денес после 73 години не бледнее споменот на 11 октомври и на народно ослободителната борба, живо е сеќавањето на сите оние кои застанаа наспроти моќната фашистичка армада и го положија својот живот на олтарот на татковината. Победата беше извојувана со невиден хероизам, смелост, непоколебливост и саможртвување. Наследството кое ни го оставија македонските борци – слобода и мир нема да дозволиме никогаш да ни биде одземено и загрозено.
На овој голем празник уште еднаш да се потсетиме дека Македонија, била, е и секогаш ќе биде на страната на прогресот, демократијата и слободата.
Нека ни е честит и вековит 11 Октомври!
Да живее Република Македонија!“