Кривична пријава за две лица од Дебар заради злоупотреба на службената положба и овластување

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и “Бесправно градење“, полициската станица од Дебар против П.П. (61) и Г.Ц. (50) двајцата од Дебар, поднесе кривична пријава.

Пријавениот П.П. во својство на раководител на Секторот за урбанизам и комунални работи во Општина Дебар и Г.Ц. како архитект во општината, во периодот од 17 до 30 септември 2103 година, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување со пречекорување границите на своето службено овластување и надлежни за вршење на работите од уредување на просторот, од инвеститорот И.Е. од Дебар, спротивно на условите предвидени со деталниот урбанистички план (ДУП) прифатиле и одобриле основен проект за градба на стамбено деловен објект во центарот на Дебар. Со тоа, двајцата пријавени му овозможиле на инвеститорот И.Е. противправно севкупно да се стекне со имотно-финансиска корист од околу 380.515 евра.

Тоа го направиле иако увиделе дека проектот предвидува градба на стамбено деловен објект со максимални димензии во површина на приземјето од 845 метри квадратни иако според детеалниот урбанистички план максимално дозволена површина на објектот за посочената градежна парцела изнесувала 707 метри квадратни. Пријавените, свесно и спротивно на одредбите од Законот за градба и Законот за просторно и урбанистичко планирање, се согласиле со таквиот основен проект и потпишале дека доставената документација односно основниот проект е во согласност со ДУП. На тој начин пријавените на инвеститорот му овозможиле противправно да се стекне со имотна корист-стамбено деловен простор од 959 метри квадратни или околу 335.650 евра сметано според цената на метар квадратен стамбен простор.

За фактичката површина на објектот со површина од 845 метри квадратни, инвеститорот И.Е. требало да плати надоместок за уредување на градежно земјиште околу 11.995.620 денари. Наместо тоа, во согласност со пријавените, инвеститорот платил 9.243.117,оо денари што одговара на површината предвидена со деталниот урбанистички план каде максимално дозволена површина на објектот за посочената градежна парцела изнесува 707 метри квадратни.

По тој основ, пријавените му овозможиле на инвеститорот И.Е. противправно да се стекне со имотно-финансиска корист од околу 2.752.503,оо денари и со тој износ го оштетиле буџетот на Република Македонија.