Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба ја прими Н.Е. г-ѓа Марија Шурман, амбасадор на Кралството Холандија.
На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот Шурман, посакувајќи ѝ успех во натамошната кариера.
Билатералните односи меѓу двете земји се пријателски и бележат континуиран позитивен развој, оценија двајцата соговорници. Македонскиот претседател изрази благодарност за поддршката што Кралството Холандија ѝ ја дава на Република Македонија во остварувањето на највисоките стратешки цели, полноправно членство во Европската унија и во НАТО. Во однос на натамошната соработка, претседателот Иванов го истакна интересот и подготвеноста за интензивирање и унапредување на севкупните односи со Кралството Холандија.
Амбасадорот на Кралството Холандија, г-ѓа Шурман, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на нејзиниот мандат, изразувајќи задоволство од вршењето на дипломатската должност во земјава.
На средбата, беа разменети мислења и информации околу стратешките цели на Република Македонија и за актуелните случувања во двете земји.