Работен состанок помеѓу претставници на СВР и регионалниот центар „Запад“ со невладиниот сектор од Охрид

Визната либерализација е историски успех за сите граѓани на Република Македонија и токму затоа при користење на придобивките од истата треба да внимаваме на правилата кои ја овозможуваат оваа слобода и целосно да ги почитуваме и разбереме се со цел полесно да патуваме низ европската унија. Ова беше речено на денешниот работен состанок „Превенција на злоупотребата на визната либерализација“помеѓу претставници на СВР Охрид и регионалниот центар „Запад“ со невладиниот сектор од Охрид.

Целта на денешната средба беше поинтензивно вклучување на невладините организации во подигнувањето на јавната свест кај граѓаните во насока на стопирање на злоупотребата на визната либерализација. На состанокот беше потенцирано дека визната либерализација не се однесува на граѓаните кои планираат подолг престој или планираат да живеат во некоја од земјите членки на ЕУ и во ниту еден случај не смее да се користи за барање за добивање азил во земјите од шенгенската зона. Посебно беше нагласено дека безвизните правила се однесуваат само на бизнис или туристички патувања односно на краток студиски престој и дека државјаните на Република Македонија како граѓани на земја кандидат за членство во ЕУ, по ниту еден основ немаат можност да добијат азил во земјите членки на ЕУ.

Пред претставниците на невладиниот сектор беа презентирани последиците од злоупотребата на визната либерализација како и законската регулатива според која се предвидува казна затвор од 4 години за секој што врбува, поттикнува, организира, засолнува или превезува лица во држава членка на ЕУ и на Шенгенскиот договор заради стекнување или остварување на социјални, економски или други права, спротивно на правото на ЕУ и на меѓународното право.

На истата тема, работен состанок со невладиниот сектор од Струга ќе се реализира утре во општинскиот Црвен крст.

ViznaLiberalizacija02