Најдобра превенција против „модерното ропство“ е исцрпно ифнормирање на младите

„Република Македонија, за жал, и понатаму останува дестинација на транзит и потекло на трговијата со луѓе. Бројките говорат дека во изминатата 2013 година во Македонија се откриени вкупно 15 жртви на трговија со луѓе од кои девет се домашни, шест странски државјани, а девет од овие лица се малолетни. По вид на експлоатација девет биле предмет на сексуална експлоатација, четири на трудова експлоатација, а две лица имале присилен брак“. Ова, меѓу другото, го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешниот настан на Филозовскиот факултет при УКИМ во Скопје а по повод кампањата посветена 18-ти октомври Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, што ќе се реализира во повеќе други градови во земјата, преку којашто младите ќе се информираат за опасностите со кои може да се соочат.

Министерката Јанкулоска, потенцираше дека Македонија во континутет се бори со оваа најтешка форма на нарушување на човекови права и модерно ропство, при што ланската година биле евидентирани 15 случаи на трговија со луѓе.

„Проектите како овој денешниов „Патувај и работи“, имаат за цел да ги покажат и лошите страни на она што на некого ќе му изгледа како предизвик или како актрактивна работа, а всушност значи опасност за младите Трговијата со луѓе е најтешка форма на нарушување на човековите права, како форма на организиран криминал како модерно ропство на денешницата, а најдобрата превенција во борба против трговијата со луѓе е добрата информираност“, нагласи Јанкулоска.

„Направивме напор преку споделување информации, делење флаери, брошури, да ги информираме студентите за нивното право да работат, но тоа да го прават на законски начин онака како што им се гарантирани нивните права без разлика дали тоа се случило во Република Македонија или надвор од неа“, изјави Јанкулоска.

„Сведоци сме дека во Република Македонија се почесто и малолетни лица се загрозени од оваа форма на тежок криминал. Неодамна имавме случај токму на подрачјето на Град Скопје, каде што три малолетни девојчиња беа сексуално експлоатирани. Многу често, апелираме до родителите правилно да ги воспитуваат своите деца, а информациите кои се потребни за соодветна возраст да ги споделуваат со нив за да не се случи младите да бидат доведени во ситуација да бидат жртви на тешки кривични дела вклучително и трговија со луѓе“ потенцираше Јанкулоска.

Инаку, во 2012, Меѓународната организација на трудот (МОТ) проценила дека околу 880.000 луѓе се жртви на присилен труд и тоа само во Европа.