Двајца кичевчани извршиле тешки кражби во куќи во Охрид

Секторот за внатрешни работи Охрид, поднесе кривична пријава против едно малолетно лице од Кичево и Б.Ч. (18) од кичевското село Брждани. Пријавата е поднесена поради постоење основи на сомнение дека заедно сториле две казнени дела „Тешка кражба“.

Двајцата, од две куќи на улицата „Париска комуна“ во Охрид одзеле 400 евра, 300 американски долари, 2000 српски динари, мобилен телефон, алкохолни пијалоци и еден детски велосипед.

Пријавените, во текот на март годинава преку кров од соседна барака со физичка сила успеале да го скршат таванот и да направат отвор преку кој влегле во куќата. Откако извршиле пребарување насилно ја отвориле металната врата од приземјето од каде ги одзеле алкохолните пијалоци и велосипедот.

На 22 септември, пријавените со употреба на физичка сила насилно ја отвориле двокрилна влезна врата од куќа на истата улица.

Извршиле пребарување низ собите и под кревет од спалната соба пронашле и одзеле 400 евра, 300 американски долари, 2000 српски динари и еден мобилен телефон.

Пријавените со извршените казнени дела се стекнале со противправна имотна корист од 45.000,оо денари.