Одредени настани загрижуваат затоа што создаваат голема несигурност кај луѓето. Нашиот регион се уште има потреба од поголема доверба, комуникација и позитивни примери. Ова го изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, коментирајќи го настанот во Белград што се случи за време на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија, како и за последиците што произлегоа од него.
Пораката македонскиот претседател ја упати по средбата со претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, на маргините на Форумот Кран Монтана во Женева.
Настаните кои што се во прилог на регионот, подвлече македонскиот претседател, е потребно да се користат за ширење на довербата и поголема соработка меѓу народите кои што живеат на Балканот, затоа што сите ги очекува заедничка иднина.
„Сите очекуваме еден ден да бидеме во Европската унија и во НАТО, почитувајќи ги сите стандарди кои што важат таму. Тоа не обединува бидејќи со почитувањето на тие принципи и вредности, во нашиот регион ќе владеат мирот и соработката, и пред се посветеноста на економијата, со цел отворање нови работни места и овозможувајќи им на младите луѓе поизвесна иднина“, изјави претседателот Иванов.
На средбата со претседателот Вујановиќ биле разменети мислења околу севкупните односи меѓу Македонија и Црна Гора.
„Заедничка констатација со претседателот Иванов е дека нашите односи се пријателски и традиционално добри и дека во сите сфери можат да бидат добар пример во регионот. Ова беше можност воедно да реафирмираме бројни меѓудржавни договори, одличната комуникација на нашите две влади, и да ја констатираме потребата заедно да дејствуваме во економијата, во функција и во интерес на двете држави, пред се во сообраќајното поврзување и обостраната афирмација на туристичките вредности и на Црна Гора и на Македонија“, изјави претседателот Вујановиќ.