Градоначалникот Никола Бакрачески, во придружба на секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески и нивните соработници, денес ги посетија населбите Коњско и Рача. Во рамки на посетата, тие остварија средба и со жителите на овие две населби. На средбата присуствуваа и директорите на јавните претпријатија, кои одговараа на прашањата од жителите.
Градоначалникот Бакрачески, потсети на проектите кои Локалната самоуправа ги реализира во изминатиот период во овие населби и ги презентира плановите за идниот период. Исто така градоначалникот Бакрачески, најави дека во овие населби во наредниот период, инфраструктурно ќе бидат реализирани неколку помали улици и ќе се реконструира и надогради мрежата за улично осветлување. На собирот претставниците на Локалната самоуправа, бележејќи ги конкретните барања на жителите, ветија дека на дел од нив ќе можат позитивно да одговорат во наредниот период.
Жителите на населбите Коњско и Рача изразија задоволство од ваквите средби и потенцираа дека најголем дел од проблемите им биле решени токму преку ваквите непосредни средби со челниците на општина Охрид, кои се честа практика на градоначалникот Бакрачески.