Општина: СДСМ е “Светски и Вселенски шампион“ за правење долгови

Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати и Општина Охрид, во која се вели:

„Навистина не ни е јасно и никако не успеавме да го разбереме соопштението до јавност испратено од страна на СДСМ Охрид. Единствено што е јасно дека тие се обидуваат постојано да ја замајуваат јавноста со неточни и невистинити податоци водејќи се од принципот 1000 пати кажана лага станува вистина. За среќа охриѓани ги прочитаа и не веруваат во ниту еден изустен збор од нивна страна.

СДСМ е “Светски и Вселенски шампион“ за правење долгови. За да не заборават повторно ги потсетуваме дека општина Охрид ја оставија со финансиски долгови од точно две милијарди , стопедесетидва милиони и петстотини илјади денари. Долговите ги направија со цел да финансираат не повеќе од дваесетина нив блиски фирми, службени патувања, бензини, деловни ручеци, згрижување на партиски лојални луѓе, со еден збор парите ги потрошија за луксузирање на сметка на граѓаните на Охрид. Притоа ниту еден капитален објект не е изграден со тие пари.

Во однос на проектите и начинот и фазите на изработка на еден проект, разбирливо е дека за СДСМ е неважна активност затоа што никогаш додека тие раководеа со Охрид не е изработен конкретен проект. Не работењето по проект од страна на нивниот градоначалник, општина Охрид ја чинеше многу судски процеси од кои најголем дел е загубени.

Почитувани од СДСМ, за среќа на охриѓани ова е минато свршено време кое никогаш нема да се повтори. Градоначалникот Бакрачески заедно со неговиот тим посветено работи на реализација на сите проекти во Охрид, а ва однос на вашиот интерес за заемот од Светска банка повторно ќе ви одговориме дека ваков заем може да добие институција кај која што Светска банка потврдила напредок во однос на финансиската состојба и дополнително после едногодишен мониторинг врз основа на изработени проекти одлучила да го додели овој заем на општина Охрид под крајно поволни услови.

Иако на седницата на советот бевте скептични дека Светска банка ќе го додели овој заем под овие услови, сепак најмоќната светска финансиска институција ве демантира и ги додели овие финансиски средства на општина Охрид.

Заемот ќе се искористи на проекти од областа на инфраструктурата. Во нив спаѓа реконструкција и изградба на улиците „Питу Гули“, „Ристо Чадо“, два кружни текови, едниот на делот каде улицата „Булевар Туристичка“ се вкрстува со улиците „Бистрица“ и „7-ми Ноември“, реконструкција на локалниот пат од село Елшани до Елешец, како и реконструкција на улицата „Илија Смически“ во село Лескоец и ќе се изврши набавка на најсовремени машини и опрема за Јавното претпријатие „Охридски комуналец“.

Почитувани од СДСМ камо среќа и Вие вака посветено да работевте. Меѓу нас и вас постои голема и евидентна разлика.“- стои во реакцијата на општина Охрид.