ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и денес покажа дека е партија која тоне во жив песок

Во врска со соопштението на СДСМ, реакција испрати ВМРО-ДПМНЕ во која стои:

„СДСМ и денес покажа дека е партија која тоне во жив песок. Потврда за тоа е нискиот степен на пишување на пласираното соопштение кое како и претходните е празно, без факти.

ВМРО-ДПМНЕ ја разбира потребата од медиумско експонирање на овој политички субјект, но не по секоја цена и на штета на граѓаните на Охрид. Она што во исто време ВМРО-ДПМНЕ не може да го разбере е фактот дека партијата која осум години го пустошеше градот, партијата која им ја одзеде иднината на младите и партијата која во секоја гледна точка го уништи Охрид, се дрзна да зборува за иселувањето на младите и економската стагнација на градот.

Што се однесува до иселувањето на охриѓани, и денес СДСМ покажа дека зборува на “празно“ и повторно пласира лаги па затоа ја потсетуваме на неколку официјални статистички податоци кои говорат дека иселувањето во Охрид се намалува. Ако во 2011 година се иселиле 1069 охриѓани, а во 2012 година 1 296 во 2013 година благодарение на довербата што охриѓани ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ и Градоначалникот Никола Бакрачески бројот на иселени лица е само 766. Ова е доволна потврда за вербата што охриѓани ја имаат кон локалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и проектите кои се во насока на намалување на иселувањето на охриѓани. Во таа насока се и заложбите и проектите за стопанско заживување на Охрид. Благодарение на заложбите на градоначалникот, Бакрачески прв пат, по 24 години во Охрид и охридскиот регион после период на масовно затворање на стопанските кпацитети и масовно отпуштање од работа, се вработуваат луѓе. Ова е период кога Локалната самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ прекинува со праксата на затворање на стопанските капацитети и со отпуштање од работа. Во Охрид почнува еден нов период на стопански препород. Почетокот со работа на автомобилскиот гигант ОДВ–Електрик како и најавите за уште неколку странски инвестиции ветуваат многу. Се прави многу и во сферата на туризмот. Новите туристички капацитети кои ќе се градат во Охрид отвораат нови работни места. Господата од СДСМ можат да учат од ВМРО-ДПМНЕ на кој начин се намалува бројот на луѓе кои се иселуваат од Охрид.

За разлика од мртвило кое го одбележа периодот на СДСМ во Охрид, во сегашното време Локалната гарнитура на ВМРО –ДПМНЕ го заживеа Охрид во стопански, туристички , културен поглед. И понатака се работи на негово препородување.

ВМРО-ДПМНЕ бара од СДСМ да се извини на охриѓани затоа што со самото тоа што ги оспорува средствата од Светска Банка со кои општината ќе реализира 9 крупни капитални проекти пред се од областа на инфра структурата,ги навредува токму нив.

Проектите кои што се во фаза на реализација, а кои СДСМ со потсмев ги коментира ќе бидат реализирани и тоа охриѓани добро го знаат. Граѓаните знаат дека ВМРО – ДПМНЕ не бега од ветеното и затоа 9 изборни циклуси им ја дава довербата.

А за големото “ништо“ кое СДСМ го остави во Охрид е доволно казнет од охриѓани.

Власта предводена од ВМРО–ДПМНЕ и градоначалникот Никола Бакрачески, во многу наврати наназад покажаа како треба и како требаше години наназад да се води градот. Да се застане цврсто и одлучно во спроведувањето на проектите, да се има храброст за носење одлуки, за добивање средства кои ќе бидат наменети за проекти кои се во интерес на сите граѓани.

Актуелната власт е многу поразлична од претходната. Новата власт ги враќа долговите на мината која го презадолжи градов до невидени размер и тоа само за интерес на поединци блиски до поранешната владејачка структура.

ВМРО-ДПМНЕ апелира до СДСМ да престане да ја манипулира јавноста со чаршиски муабети, затоа што граѓаните можат да направаат разлика меѓу “штетникот“ олицетворен во СДСМ и доброто олицетворено во ВМРО-ДПМНЕ.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО–ДПМНЕ Охрид.