По повод големиот успех и освоените девет медали ти на неодамна одржаното Балканското првенство во Охрид, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска организираше прием за карате репрезентацијата на Македонија.
„Карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава, а тоа се докажа и на последната Балканијада. Со овој огромен успех, македонското карате ја испишува светлата страница во историјата на Балканските шампионати,“ изјави Спасески.
Директорот на АМС изрази надеж дека нашите каратисти и на следното големо натпреварување, а тоа е Светскиот шампионат во Германија ќе се прикажат во најдобро издание и ќе успеат да се закитат со медали.
„Досега имавме носители на највисоките одличја од Светските и Европските првенства, но немавме медал од Балканијадите. Ова Балканско првенство е одлична подготовка за престојното Светско првенство за сениори, кое ќе се одржи во Бремен, Германија и по овие успеси, искрено сметам и се надевам дека Македонија има шанси да се закити со еден од медалите и на тоа натпреварување“, рече Спасески.
Тој ја нагласи поддршката што АМС ја дава на овој спорт и додаде дека и во иднина македонските каратисти ќе можат да сметаат на финансиска помош од Агенцијата.
„Годинава за меѓународната програма и за стручната работа на Карате федерацијата АМС има издвоено 1.900.000 денари и со неа се опфатени учеството на ЕП за сениори во Тампере (Финска), Балканското првенство во Охрид, Златната лига во сениорска конкуренција во Салцбург и Светското првенство во Бремен, СР Германија. Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признани – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена“, потенцира првиот човек на АМС.
Инаку, членовите на македонската карате репрезентација, на Балканскиот шампионат во Охрид остварија одлични резултати и освоија пет златни медали, два сребрени и два бронзени медали.
Стручниот штаб и каратистите му се заблагодарија на директорот Спасески за поддршката од АМС која континуирано се дава на овој спорт и дадоа ветување дека Македонија на Светското првенство во Бремен ќе ја претстават во вистинското светло и во индивидуалните борби и во екипна конкуренција.