Одбележан 23-ти октомври – Денот на Македонската револуционерна борба

На пригодна свеченост и со културно уметничка програма, синоќа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Општина Охрид достојно го одбележа 23-ти Октомври, денот на македонската револуционерна борба.

Градоначалникот Никола Бакрачески ја поздрави бројната публика која громогласно аплаудираше на говорот со кој тој потсети на многуте наши синови, на пролеаната крв до стекнување на слободата но и укажа на фактот дека борбата за подобро утре и понатака продолжува.

Во своето излагање градоначалникот Бакрачески потсети дека слободата низ вековите и различните историски периоди се печалела со дадените животи на храбрите Македонци.

Во рамки на програмата беа: настапот на хорот при ОСУ “Св. Климент Охридски“ со песната “Собрале ми се набрале“, потоа следеше Aнсамблот “Билјана Јуниор“ кој ја изведе песната “Налеј налеј налеј”.

Не помал восхит кај присутните предизвика настапот на виолинистот Игор Бежаноски со инструментална изведба на револуционерни песни како и настапите на учениците од рецитаторската секција во Општинското средно училиште “Св. Климент Охридски“ со дел од поемата “Македонија” од Анте Попоски.

Веднаш потоа на сцената беше актерот Ивица Цонев кој настапи со текст на песната “Македонијо кога ќе те по македончиме” од Радован Павлоски. Случувањето беше заокружено со настап на Танцовиот клуб Соната – на песната “Со маки сум се родила” и Мизар –Модератор.