Македонија уште еднаш докажа дека е лидер во регионот во спроведување на реформи за подобрување на бизнис климата. Најдобро е рангирана во извештајот на Светска банка во регионот. На прво место е според најмалото даночно оптоварување на бизнисот, а на трето место во светот според времето потребно за почнување бизнис.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска на прес-конференција по повод објавениот извештај Дуинг бизнис на Светска банка, кој според него е верификација на политиките и реформите што ги презема Владата за подобрување на бизнис климата.
Тој истакна дека Македонија во извештајот најдобар напредок од 38-мо на 7-мо место има кај индикаторот плаќање даноци. – Поволната даночна политика и спроведените реформи за зголемување на ефикасноста на даночната администрација придонеса Македонија да биде рангирана на високото 7-мо место во светот и на второ место во Европа, по Ирска според овој индикатор кој ги мери вкупната даночна стапка, бројот на даночни процедури и времето потребно за подготовка, пополнување и испраќање даночни пријави, истакна Ставрески.
Додаде дека даночната стапка е 7,4 проценти, додека за споредба таа во Хрватска изнесува 18,8, во Црна Гора 22,3, Србија 38,6, Словенија 32, Бугарија 27, Турција 40,1, Грција 49,9, Албанија 30,7, Косово 15,3 отсто, а во Европа просечно изнесува околу 45 проценти. Овие бројки, како што истакна вицепремиерот, докажуваат дека бизнисот во Македонија е најмалку оптоварен со даноци.
Според процедурите за плаќање даноци годишно, земјава е рангирана на 13. место во светот, а во Европа на петто, што е резултат на воведувањето на електронскиот систем за даноци кој ја скрати постапката за плаќање даноци за четири пати.
Вицепремеирот потенцира дека најголем успех е забележан кај индикаторот започнување бизнис, според кој Македонија во континуитет е на врвот на ранг листата на Светска банка. – Ако пред 10 години во Македонија можевте да регистрирате фирма за 48 дена, сега постапката е скратена на само два дена, што се должи на електронскиот систем за регистрација на Централниот регистар на Македонија, рече Ставрески и додаде дека регистрацијата се врши без никаков трошок и оти не е поребен почетен капитал.
Наведувајќи дека има простор за задоволство, но оти има простор и за подобрување, Ставрески рече дека во иднина треба да се направат подобрувања во делот на пристапот до електрична енергија, добивањето градежни дозволи и спроведување договори.
Појасни дека во делот на пристапот до електрична енергија треба да се направат напори да се намалат трошоците и времето за нов приклучок, а во однос на градежните дозволи да се подобрат процедурите на локално ниво.
Светска банка го објави вчера извештајот Дуинг бизнис за 2015 година во која Македонија е рангирана на 30. место и има напредок од едно место и дури 64 места во однос на изминатите девет години. Најдобро е рангирана во регионот и се вбројува меѓу 20-те земји кои спровеле најмалку три клучни реформи во изминатата година.