Заев: За некои црвени линии не може да има отстапки

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од генералниот секретар Оливер Спасовски, учествуваше во дебата со младите социјалдемократи на тема: „Како понатаму и што ќе се случи по падот на Груевски”, во рамки на Младинскиот работен семинар на СДММ во Охрид.

Претседателот Заев се осврна на проектот Вистината за Македонија, што до крај го разобличи режимското владеење на Груевски.

„Упативме порака, бесрамното злоупотребување на власта никогаш повеќе да не се повтори. Пративме силна порака во Република Македонија, регионот, цела Европа и светот дека сите оние кои ја злоупотребуваат власта, може да бидат фатени на дело и треба да понесат одговорност. Исто така, поттикнавме меѓуетничко единство, тоа е огромна придобивка, а ние како социјалдемократи сме предводници на тој процес“, рече претседателот Заев.

Тој зборуваше за резултатите од овој проект што почнаа со оставки на најблиски соработници на Груевски, продолжија со иницирање предвремени парламентарни избори и неопходно е да финишираат со договор за организација на Влада којашто ќе спроведе фер и демократски избори во Македонија.

„Преговорите ги водиме сериозно, но ослободени од притисок. За некои црвени линии не може да има отстапки. Аргументите се на наша страна. Нашите ставови се потврдени состојби во сите последните извештаи на Стејт Департментот, на експертската група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе, на ОН. Крајот на Груевски е дојден, прашање на модалитети е неговото заминување“, оцени претседателот Заев.

Пред големиот број млади, претседателот Заев посебно се осврна на Програмата за враќање на достоинствениот живот на граѓаните на Македонија, за враќањето на европските вредности, слободата, демократијата, правдата, како придобивки што граѓаните ги заслужуваат, а на коишто СДСМ се обврзува.