Денешната прес конференција на СДСМ предизвика експресна реакција и на Општина Охрид. Аргументите зошто Охрид ќе ги гради трите каптални зафати со продажба на земјиштето на новинарите им ги образложи секретарот на Општина Охрид Димитар Спасески.
„Уште при преземањето на мандатот кај градоначалникот дојде еден наш пријател и познавач на состојбите во градов и човекот ни рече за да бидете успешни за да знаете колку Охрид оди во правилна насока, секогаш носете различни одлуки од оние што ги носеше СДСМ. Го послушавме и до денеска 18 месеци работиме по таа девиза. И носиме спротивни одлуки од оние што СДСМ ги носеше. Тоа всушност постана практика на Општината за решавање на проблемите и за одење на градот напред”.
Дека тоа е така потврдува и одлуката за продажба на парцели за изградба на трите објекти кои се дел од идните капитални инввестиции во Охрид.
Прво што сторивме во изминативе 18 месеци беше изработката на урбанистичко – планската документација и решавање на сите имотоно – правни односи, коишто ги оптоваруваа локациите. Тој процес заврши со вчерашното носење на одлуките на Советот на општина Охрид за продажба на парцелите за изградба на автобуска, дом за стари лица и катна гаража. Градоначалникот изминативе месеци беше посветен на разговори со стручни и компетентни лица од оваа област – инвеститори на кои од прилика им се нудеа предлог – проектите за изградба на објектите. Сето тоа заедно, анализирано не доведе до заклучок дека најдобра опција за изградба на трите капитални проекти за Охрид е да се оди со продажба на земјиштето.
Ќе изнесам неколку факти за да и стане јасно на јавноста зошто се одлучивме на овој чекор. При пресметките Општината се водеше по Уредбите што за оваа област ги има донесено Владата на РМ, рече секретарот Спасески и потенцира:
„Така, почетната цена за откуп на земјиштето на кое треба да се гради автобуската е 3170 денари за метар квадратен. Заинтересираните за земјиштето наменето за изградба на Дом за стари лица би платиле 1393 денари, а земјиштето за катната гаража ќе се продава по почетна цена од 1543 денари за метар квадратен.“-рече Спасески.
Според секретарот Спасески очекуваната добивка од продажбата на земјиштето за изградба на автобуската станица која ќе се гради на 11.991 метар квадратен со продажба по најниска цена од 3170 денари би се добиле вкупно: 38.014.418 денари. Од нив законски државата би добила дваесет отсто, а општината 30.411.534 денари. Очекуваниот приход од продажба на парцелата за катна гаража од 1515 метри квадрати е 1,8 милиони денари, а од продажбата на парцелата за изградба на дом за стари лица од 8425 метри квадратни е 11,7 милиони денари. Бидејќи тече изработката на проектната документација општината не знае детално колку ќе добие по основ на комуналии од трите објекти, но според секретарот Спасески би се инкасирале плус неколку милиони денари.
„Ние единствено знаеме да работиме со бројки и со факти. Очигледно е дека во СДСМ дел од луѓето не биле на одговорни позиции и многу паушално даваат јавно оценки. Тоа е за нас најважното – граѓаните треба да се информирани за сите случувања. Не ме зачудува и скепсата кај советниците од опозицијата, стравот во однос на намената и тоа што ќе се гради на змејиштето кое предмет на идна продажба. Поминатот е времето кога СДСМ едно планираше во ДУП-овите, друго поминуваше на совет, трето доставувше до Министерството за транспорт и врски, а на терен се градеше сосема четврто. Во однос на изградбата на овие три капитални проекти многу значајни за Охрид, во самата урбанистичка документација, односно во маркицата се предвидува намена исклучиво за изградба на автобуска, катна гаража и дом за стари лица. Тука менување нема. Јавниот интерес ќе го заштитиме и во тендерската документација каде ќе наведеме дека земјиштето се продава исклучиво со оваа намена и купувачот на земјиштето ќе има рок од три месеци да добие дозвола за градба и по извесен број на години да го изгради планираниот објект. Тука манипулации нема да има. Мандатот го водиме посветено и така се однесуваме кон секој проект и врз детални анализи да го одбереме најдоброто решение,“ рече Спасески.
Бенефитот од веќе усвоените одлуки е дека граѓаните за првпат ќе добијат современа автобуска станица, дом за стари лица и катна гаража во центарот на градот. Општината пак парите од комуналиите ќе може да ги планира и насочува за други зафати, но и да ги плаќа заостанатите долгови кои ги наследи од владеењето на СДСМ .
„СДСМ – Охрид со прес конференциите ја замајува јавноста и покажува непознавање на материјата. Жално е, но тука не сме моќни да им помогнеме. Цели 18 месеци ги правеме аналзите по кој модел Охрид да ги добие трите капитални инвестиции. Анализите со стручни лица и заинтересирани приватни инвеститори покажаа дека најдобар и најбрз модел на реализација на овие капитални проекти е со продажба на земјиштето, а на општината во моментов со оглед дека многу добро ја знаете финансиската состојба во која се наоѓа таа, одлично би и дошле приходите по основ на продажба и комуналии. Сакаме што повеќе инвеститори да се пријават на повикот со цел да се зголеми и почетната цена на продажба.“, вели Спасески.
Според секретарот Спасески доколку не успее овој модел како општина не ја исклучуваат можноста да спроведе друг модел, па дури и јавно приватно партнерство за кое се одлучи во случајот со повикот за изградба на Градски пазар.