Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски од денеска во наредните неколку денови ќе ги запознаат потенцијалните инвеститори од Њујорк и повеќе други градови во САД со можностите за правење бизнис во Македонија.
Економската посета почнува денеска попладне по американско време со бизнис форум во Њујорк што ќе го отвори премиерот Никола Груевски.
Бизнис форумот ќе се реализира во соработка со групацијата „Фајненшл тајмс“ при што пред повеќе претставници на бизнис секторот од Њујорк и САД ќе бидат преставени инвестициските можности и потенцијали кои стојат на располагање за инвестирање во Република Македонија.
Њујорк е еден од најзначајните економски центри во светот и е глобално јадро на меѓународнииот бизнис и трговија. Њујорк е еден трите „командни центри“ во светската економија. Градот е центар на компании за финансии, осигурување, недвижен имот, прехранбена ндустрија.
Од друга страна, растот на индустриското производство во Македонија, поволностите кои се нудат во зоните, даночните олеснување и најниските даночни стапки во Европа, реформите во катастарот и постапката за брзо формирање на фирма, како и инвестициите на владата во капитални проекти како што се изградбата на три нови автопати, изградба и реконструкција на железницата, стимулирање на развојот на градежништвото се само еден мал дел од работите кои од владината делегација детално се очекува да бидат претставени на потенцијалните инвеститори. Тие ќе се запознаат и со напредните искуства на странските компании кои веќе инвестирале во државата како најдобра потврда за посветеноста во реализација на странски инвестиции и тенденцијата и заложбата на владата за отворање на нови работни места, соопшти владината прес-служба.
Се очекува премиерот Груевски пред и по бизнис форумот да има повеќе одделни работни средби со претставници на компании и странски инвеститори кои се заинтересирани за пренесување на својот капитал и негово инвестирање во Македонија. САД е една од водечките економии во светот и оттука е атрактивна за воспоставување на значајна економска соработка.
Владината делегација, во чиј состав се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции Веле Самак, Бил Павлевски и Џери Наумоф, како и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, во наредните неколку денови освен Њујорк ќе посети и повеќе американски градови каде што на бизнис форуми ќе бидат преставени можностите за инвестирање и ќе бидат остварени контакти со инвеститори и претставници на компании од САД.