Во рамки на редовните посети на локалните стопански капацитети а со цел да се укаже на поволностите што општината ги нуди за развој на бизнисот во насока на стопанско заживување на Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески, денес беше во посета на фирмата АСП- ПАК .
На средбата со менаџерскиот тим се разговараше за производствениот процес и проблемите со кои се соочува оваа фирма а се разгледаа и можностите за соработка со Локалната самоуправа со цел да им се помогне во дел од идните развојни стратегии .
АСП ПАК е фирма која е еден од најголемите работодавци во општина Охрид со вкупно 236 вработени лица. Фирмата пред се извозно ориентирана кон Западно европските земји и Азија .
„Она што посебно нас не радува е постојаниот раст и развој кој што во континуитет од 15 години го остварува оваа фирма како во делот на обем на производство така и во профитот што го има во текот на една година. Се работи за извозно ориентирана компанија која 97 % од своето производство го извезува во странство и е една од двете најголеми компании за ваков тип на производство во Европа. Својот извоз го остваруваат во скоро сите европски земји и Азија. Наша цел е заеднички со нив да соработуваме и како локална самоуправа во рамки на своите ингеренции и законски регулативи да им понудиме поволности за развој на нивниот бизнис со цел тие да продолжат и во иднина да го унапредуваат своето производство , својот развој и секако да отвораат поголем број работни места,“ рече градоначалникот Никола Бакрачески кој укажа дека со цел да се надмине перманентниот проблем со квалификувана работна сила со кој се соочуваат домашните и странски инвеститори , Локална самоуправа можеме да се вклучи во едукација и квалификација на кадарот која што им е една од основните потреби .
„Ние заедно со Отворениот граѓански универзитет“Кузман Шапкарев“, и со менаџерските тимови на неколку локални компании ќе се договориме во иднина да изградиме систем во кој што ние можеме да ја вршиме таа доквалификација или до едукација на кадарот се со цел да создадеме квалификувани кадри кои ќе можат веднаш да се вклучат во нормалниот процес на работа во различни компании во Охрид“, додаде Бакрачески и истакна дека во интерес на фирмите кои бараат просторно проширување како што е АСП ПАК, општината работи на отворање на индустриската зона “Мауцхер“.
„Она што ние го правиме од самиот почеток на мојот мандат е изградба на слободната економска зона кај “Мауцхер“, проект на кој посветено и напорно работиме. Тоа е еден од нашите приоритети кој на крајот од оваа или почетокот на наредната година ќе настојуваме да го реализираме се со цел ваквите компании кои имаат потреба од нови производствени простори да може да го унапредат и развијат своето производство“, посочи градоначалникот.
Сопственикот на АСП- ПАК, Петар Спасески задоволен од работната средба со градоначалникот Бакрачески ,укажа дека пристапот и интересот на првиот човек на Охрид за бизнис секторот ветуваат многу.
„Се надевам дека по реализираните разговори за брзо време ќе имаме и некои резултати кои ќе бидат пример за соработка на една локална самоуправа и една производствена компанија како нашата. Постоиме околу 15 година, со перманентен раст секоја година за од прилика 15-20 % од постоечкото производство. Наш предизвик се европските пазари и од досегашната работа како резултат на доброто работење ние перспективата и понатаму ја гледаме во развој на производството и во проширување на нашиот пласман на европските пазари,“ рече Спасески.
Во насока на задоволни стопански субјекти и граѓани кои би работеле во истите, градоначалникот Никола Бакрачески најави и наредни посети на охридските фирми на кои ќе им се укажува на поволностите што општината ги нуди за стопански развој на Охрид.