Градоначалникот Никола Бакрачески, денес на лице место , констатираше како се одвиваат градежните активности за изградба на теренот за фудбал на вештачка трева кои се во завршна фаза.
Станува збор за крупна инвестиција на Општина Охрид , ФФМ и европската куќа на фудбалот УЕФА, вредна околу 300. 000 евра или околу 20 милиони денари.
Теренот на вештачка трева кој е во рамки на ЈП “Билјанини извори“ е еден од најсовремените во Македонија, а со неговата изградба ќе се комплетира понудата за спортски туризам во општина Охрид.
„Станува збор за едно од најдобрите односно најсовремени терени на вештачка трева што наскоро ќе го добие Охрид, со што се создаваат услови за она што ние подолго време наназад го најавуваме а тоа се услови за развој за спортски туризам во Охрид“, истакна градоначалникот Бакрачески.
Проектот се очекува да биде готов до крајот на оваа календарска година.
Инаку фудбалскиот терен на вештачка трева се гради според строгите правила и стандарди на ФИФА. Целата површина на игралиштето е 8 500 метри квадратни а теренот е со димензии 105 x68 метри.