Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија, Рамон Абароа Каранза. На средбата, меѓу другото, стана збор за иницијативата за продлабочување на соработката во областа на културата меѓу двете земји, и тоа преку поголема размена на експерти, уметници и проекти. Амбасадорот Каранза ја искажа поддршката на Шпанија за европската интеграција на Република Македонија и нагласи дека Европската Унија нема да биде целосна без вклучувањето на нашата земја.
Тој, исто така, ја пренесе големата заинтересираност на Министерството за култура на Кралството Шпанија за поголема промоција на шпанската култура во нашата земја, притоа истакнувајќи дека со потпишувањето на меморандум за соработка ќе се создаде правна рамка за воспоставување поинтензивни културни врски.
Министерката за култура Канческа-Милевска потсети дека досегашната соработка со Кралството Шпанија е на солидно ниво со континуирано претставување на македонската култура во оваа земја, но значаен е и бројот на содржините со кои шпанската култура се претставува во Република Македонија. Во изминатиот период, на особен прием кај шпанската публика наидоа настапот на македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески, учеството на Никола Маџиров на еминентниот Меѓународен поетски фестивал „Гранада“, настапите на камерното дуо Шперовиќ-Рибарски во шпанскиот град Хирона, како и многу други проекти. Двајцата соговорници ја поздравија досегашната успешна соработка меѓу институциите од областа на културата меѓу двете земји, а ја истакнаа реализацијата на проектите меѓу националните библиотеки од Скопје и од Мадрид, како и културните манифестации посветени на афирмацијата на шпанската кинематографија што ги организираше Кинотеката на Македонија.
Канческа-Милевска потсети дека во 2011 година, на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона, идејното решение на Спомен-куќата на Тоше Проески, во конкуренција од 704 објекти од целиот свет, беше наградено со престижното признание за најдобро архитектонско дело.