ЈП „Охридски Комуналец“: Тврдењата од СДСМ ги оценуваме како груби манипулации и извртување на вистината

Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ЈП „Охридски Комуналец“, во кое стои:

„Тврдењата од СДСМ дека работници во ЈП „Охридски Комуналец“ против правно биле казнети целосно ги демантираме и ги оценуваме како груби манипулации и извртување на вистината за остварување на ситни политички поени.

А вистината е следна: во ЈП „Охридски Комуналец“ поведена е постапка за утврдување на редовност на вработените и констатирано е дека 62-ца вработени нередовно доаѓале на работа со што го прекршиле правилникот за редовност и согласно законот за работни односи покрената е постапка против нив. Дополнително е утврдено дека осум од нив оправдано отсуствувале по друг основ и постапката за овие осум вработени е прекината, за останатите постапката се уште е во тек и до нејзино конечно завршување никој од нив се уште не е казнет. Постапката ќе се спроведе до крај, без разлика за кого се работи, од која партија е или на која друга провиниенција припаѓа.

Воедно го информираме раководството од СДСМ и јавноста дека времињата на хаос и безредие во ЈП „Охридски Комуналец“ се минато свршено и се надеваме никогаш неповторливо време.

Времињата кога работници се казнуваа од око, по желба на поранешното раководство претпријатието, денес скапо ги плаќа подмирувајќи судски трошоци, камати и оштети за десетици работници кои поранешното раководство ги казнило без никаков основ, а жртвите на ова изживување правдата си ја побараа на Суд.“- стои во реакцијата.