Одржана донаторска конференција за интегрирано образование

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик министерот Спиро Ристовски, денеска, присуствуваа на донаторската конференција посветена на интегрираното образование, која се одржа во присуство на претставници од надлежните институции кои делуваат во сферата на образованието, како и претставници на амбасади и меѓународни организации кои го поддржуваат процесот на интеграција на образованието во земјата.

„Она што сакам да го истакнам во контекст на интегрираното образование е дека Република Македонија е земја во која со години се негува и надградува мултикултурноста и мултиетничноста и тоа благодарение на она што децата го учат за меѓусебните различности од најмала возраст. Со помош на нашите партнери, спроведовме низа мерки кои придонесуваат во „градењето“ на училишта во кои децата ќе учат заедно, без разлика на кој етникум припаѓаат“ истакна во оваа прилика министерот Адеми.

Во своето обраќање министерот се осврна на неколку проекти и активности кои треба да се спроведат во иднина, како и на проектите кои тековно се спроведуваат, вклучувајќи ги: Проектот за Меѓуетничка Интеграција во Образованието на УСАИД, Проектот на Британската амбасада „Сите сме еднакви”, проектите на ЕУ преку ИПА програмата…

„Министерството за образование и наука планира во иднина да ги зголеми средствата за реализација на сите проекти за спроведување на интегрираното образование, бидејќи станува збор за доста обемен и сложен процес, во чија реализација добредојдена е помошта која пристигнува од нашите партнери и меѓународни донатори, и тоа поддршката од УСАИД, ОБСЕ, Нансен Дијалог Центарот, како и од другите пријатели на образованието на Република Македонија“ додаде министерот Адеми.

Заменик министерот Ристовски посочи дека интегрираното образование е една од областите на која што Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука посветуваат сериозно внимание, вложувајќи многу труд и средства во насока на обезбедување континуиран развој.

„Многупати земјите од регионот и пошироко, дури и оние најразвиените нé посочувале како пример кој треба да се следи и почитува, каде преку воспитно образовниот систем секоја од заедниците го ужива правото на настава и едукација на својот мајчин јазик. Токму тој пример и таа пракса во која делбите на учениците по верска, етничка или било каква друга основа се неприфатливи, ќе продолжиме да ја продлабочуваме и унапредуваме во духот на добрите меѓуетнички релации“ рече Ристовски во своето обраќање.