Средба Јолевски – Бартелс: Припадниците на Армијата на Република Македонија се високо обучени професионалци

Република Македонија и НАТО-алијансата се партнери и соработници во етаблирањето на мирот, просперитетот и демократијата во светски рамки. Припадниците на Армијата на Република Македонија кои беа и се дел од мисиите на Алијансата, особено во мисијата во ИСАФ се врвни професионалци кои ги извршуваат зададените задачи вешто и умешно.

Тоа го заклучија министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски и претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генералот Кнуд Бартелс на денешната средба во Министерството за одбрана.

На средбата, министерот Јолевски истакна дека Република Македонија и НАТО-алијансата ги споделуваат истите вредности и дека имајќи ја предвид нашата заложба за придонес во меѓународните мировни мисии, Армијата на Република Македонија ќе продолжи да учествува во новата мисија на Алијансата во Авганистан, „Одлучна поддршка“.

Учеството во меѓународни мировни мисии, а уште повеќе и стратегиската определба на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија, за која има целосен политички консензус и висока поддршка од страна на граѓаните на Република Македонија, покажува дека нашата определба се просперитетот, но и мирот и демократијата како највисоки цивилизациски вредности, додаде министерот Јолевски.

DSC_9334_resize

Министерот за одбрана Јолевски, на средбата посочи дека реформските зафати во рамките на Армијата и на Министерството се реализираат во континуитет и дека дел од нив е и унапредувањето на процесот на образование и едукација за припадниците на АРМ. „Преку развојот на Воената академија, ние инвестираме во образованието за кадрите кои ќе бидат идните офицери на Армијата на Република Македонија, што е многу значајно“, истакна министерот Јолевски. Дополнително, како една од приоритетите за иден развој, министерот го посочи и процесот на модернизација на Армијата.

Генералот Бартелс осврнувајќи се на учеството на припадниците на АРМ во мировни мисии предводени од Алијансата, истакна дека станува збор за врвни професионалци, факт кој е познат кај партнерите и во НАТО. „Ви благодариме за досегашното учество во мисиите на Алијансата и ја цениме вашата поддршка за идната мисија на НАТО во Авганистан“, рече генералот Бартелс на средбата со министерот Јолевски.

Во рамките на неколкудневната посета на Република Македонија, генералот Бартелс оствари средба со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, а во текот на денешниот ден ќе има и предавање пред питомците на Воената академија. Воедно, генералот Бартелс, во текот на утрешниот ден ќе оствари и средби со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, како и со министерот за надворешни работи Никола Поповски.

DSC_9335_resize