Со полагање свежо цвеќе пред спомен обележјата на борците во Градскиот парк, започнаа чествувањата по повод 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид.
Делегации од Општината, јавните претпријатија, политички партии, од борците и граѓаните положија цвеќе пред спомениците во Градскиот парк, споменикот на Петре Пирузе(основен суд), пред споменикот на Мите Богоески ( двор на СОСУ Св.Кирил и Методиј), спомениците на паднатите борци (градски гробишта).
Свежо цвеќе, пред споменикот на Јасна Ристеска(с. Рамне), покрај делегациите положија и членовите од семејството на Јасна Ристеска.
Во објектот „Централна“ при ЈОУДГ „Јасна Ристеска, денес беше промовиран прирачникот „Ѕвони ѕвонче за бонтон” во рамките на проектот “Бонтон”-однесувај се убаво и пристојно.
Активностите продолжија и со полагање на свежо цвеќе и историски час по повод 70 годишнината од ослободувањето на Охрид во Спомен паркот на револуцијата.
Пред големата сала, во холот на Општина Охрид, беше отворена изложба со слики од ученици од основните училишта во Охрид.
Одбележувањето на празникот продолжи со пригодна свеченост во зградата на општина Охрид . Пред присутните се обрати претседателката на охридскиот совет, Гордана Коњановска.
„Низ историјата Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата. Илинденската епопеја, Балканските војни и Првата Светска Војна се трагични епизоди, но и скалило повеќе кон целосното ожитворување на идеалот за слобода, еднаквост и човечките правдини, кој се реализира со застанувањето на македонскиот народ на страната на антифашистичката коалиција во Втората светска војна во која беа положени илјадници животи, за конечна победа и слобода на Македонија.
Денес 70 години потоа, жртвата на нашите херои не обврзува, да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овој предизвик, а со тоа се ставаме на страната на демократските и просперитетни државни заедници. Исто така, уверена сум дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапата на најпрепознатливи светски дестинации.
Дозволете ми моето обраќање да го завршам со парафразирање на големиот Јане Сандански: Ако животот е борба во која нашите татковци се избориле за слобода, нашата генерација треба да се бори за совршенство и така најдобро ќе го исполниме аманетот на нашите предци за слободна, просперитетна и вековита Македонија, во која Охрид ќе биде нејзиниот најсјаен бисер“, рече Коњановска, по чие обраќање присутните ја проследија културно- уметничката програма на која учествуваа хорот и рецитаторската секција при ОУ “Христо Узунов“, хорот при Здружението на пензионери , учениците од ОМУ „Методи Патче“ и соло настапот на две ученички од ОУ „Григор Прличев“.
Чествувањата по повод „7-ми Ноември“ кој е и патрон празник на ЈП „Охридски комуналец“ и на ЈОУГД „Јасна Ристеска” ќе биде заокружен попладнево со хепенинг во СРЦ „Билјанини Извори”, каде празникот ќе го одбележат најмладите охриѓанчиња.