Индекси на трошоците на животот според COICOP и цени на мало

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во октомври 2014, во однос на претходниот месец, изнесува 100.2, а индексот на цените на мало 99.9.

Порастот на индексот на трошоците на животот од 0.2% во октомври 2014 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на свежиот зеленчук за 5.8%, мармаладите за 1.4%, конзервираниот зеленчук за 0.9%, мастите за 0.7%, лебот и житариците, полутрајните колбасичарски производи и чоколадните производи за 0.5%, преработките од компир за 0.4%, преработките од млеко и другите млечни производи за 0.2%.

Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај цврстите горива за 2.6%, обувките за 2.4%, снабдувањето со вода, смет и други услуги во врска со станот за 2.2%, облеката за 1.2%, информатичката опрема за 0.7%, средствата за чистење и одржување на станот и други услуги неспомнати на друго место за 0.6%, средствата и услугите за лична хигиена за 0.4%, текстилот за домаќинствата за 0.3%, лековите, други средства за рекреација, цвеќиња и миленици и лични предмети неспомнати на друго место за 0.2%.

Намалување на индексот на трошоците на животот во октомври 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото овошје за 7.2%, шеќерот за 1.5%, други неспомнати производи за 0.7%, конзервираните месни производи за 0.6%, сувомеснатите производи за 0.5%, свежото млеко за 0.4%, киселото млеко, конзервираното овошје и алкохолните пијалаци за 0.3% и месото за 0.2%.

Во октомври, исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 7.7%, течните горива за домаќинствата за 2.6%, течните горива и мазива за 1.6%, гасот за домаќинствата за 0.9%, услугите за култура за 0.4% и апаратите за домаќинствата за 0.2%.

Индексот на трошоците на животот во октомври 2014 година, во споредба со октомври 2013 година, бележи намалување од 0.4%, а индексот на цените на мало бележи намалување од 1.6%.