Отворена изложбата „100 години театар во Скопје“

Во Македонскиот народен театар синоќа беше отворена изложбата „100 години театар во Скопје“ на Музејот на театарски уметности на Србија од Белград. Изложбата, која е дел од програмата за одбележување 10 години од Форумот на словенски култури, ја отворија министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и амбасадорката на Република Србија во Република Македонија, Душанка Дивјак Томиќ.

Министерката за култура во своето обраќање пред присутните оцени дека постановката е скапоцен документ и приказ за развојот на институцијата, која е театарска гордост на Македонија, но и потврда за одличните односи помеѓу Република Србија и Република Македонија, како и за меѓуинституционалната соработка помеѓу двата театарски музеи: српскиот и нашиот, новоформираниот Музеј на македонскиот народен театар.

„Оваа сериозно конципирана изложба за македонскиот театар, која минатата година прв пат беше презентирана во српската метропола, преку фотографии, документи, плакати и други вредни експонати, ги тематизира почетоците на професионалниот театар во Скопје, го документира создавањето на првата театарска институција и ги проследува првите 28 години од нејзиниот развој во периодот помеѓу 1913 и 1941 години.

„На самиот почеток на оваа возбудлива театарска приказна ја наоѓаме, се разбира, интегративната фигура на основачот и првиот управник на Народниот театар во Скопје, еминентниот српски автор Бранислав Нушиќ чија идеја да го поттикне културниот живот во македонската престолнина, несомнено вроди со плод“, рече Канческа Милевска. Таа истакна дека изложбата „100 години театар во Скопје“ има исклучително културолошко значење, бидејќи преку неа секој посетител низ вредните примероци може одблизу да се запознае со еден важен сегмент од богатата театарска традиција на Република Македонија. Токму низ овие впечатливи фотографии од претстави, прикази од раскошниот ентериер, од сцената, од надворешноста која беше симбол на тогашно Скопје, секој може да се потсети на, како што вели, една од најубавите градби во нашата држава, зградата на Македонскиот народен театар која денеска ја живее својата ренесанса. Денеска, додаде таа, Република Македонија е навистина среќна театарска земја во која што се градат нови театри, која поседува силен уметнички потенцијал, врвни уметници кои создадоа и создаваат големи театарски претстави и освојуваат врвни признанија и награди.

„Изложбата „100 години театар во Скопје“ е уште еден од моќните творечки аргументи кои ја потврдуваат и ја верифицираат вистината за важноста на врските помеѓу словенските народи и нивните култури. Тие врски низ минатото останувале живи и интензивни секогаш, дури и кога одделни словенски земји и народи се соочувале со сериозни предизвици од различен карактер. Во турбулентите декади и векови, низ кои се создавала нашата историја, токму културните и творечките релации многупати се потврдувале како вистински мостови на меѓусебно разбирање и соработка, како подадени раце кон иднината,“ порача Канческа Милевска.

Министерката за култура Канческа Милевска, која е и актуелен претседател на Управниот одбор на Форумот на словенски култури, синоќа ја врачи наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј на галеријата на Матица српска од Нови Сад, Србија.

Галеријата е формирана во 1849 година и денес е еден од музеите со најбогата колекција на националното богатство кое датира од 16 до 21 век. За јавноста во сегашната зграда била отворена 1985 годона.

За наградата на конкурсот аплицирале 14 музеи (освен од Полска и Хрватска), а 11-члено жири од секоја држава одлучува за наградата според утврдени критериуми. Во конкуренција за награта беше и македонскиот музеј од Крива Паланка.

Галеријата на Матица српска е прва која се стекна со наградата „Жива“ воведена по повод 10 години од постоењето на Форумот на словенските култури.

Одбележувањето на 10-годишниот јубилеј беше збогатено со концерт „Претставување на нематеријалното културно наследство на словенските земји“.

Форумот на словенските култури обединува 13 држави и над 300 милиони нивни жители (Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Србија, Бугарија, Украина, Русија, Белорусија, Полска, Чешка и Словачка), кои соработуваат и разменуваат знаења и искуства за проекти што треба да ги зачуваат и негуваат нивните култури.