Охридско Лето ја претстави атрактивната понуда за оваа година

Квалитетната, уникатна, атрактивна и возбудливата програма за овогодинешното издание на Охридско Лето. Фестивалот повторно ќе биде домаќин на најголемите, најславните и најуспешните,  најавија селекторите на Охридско лето на денешната пресконференција во Охрид.  Според првите луѓе на фестивалот ако  по ѕвездите се паметат фестивалските изданија, оваа се најавува  големо соѕвездие од големи уметнички имиња кои ќе понудат врвни креации и несекојдневни уметнички доживувања за фестивалската публика.

„Минатата година имавме успешно издание а годинава најавуваме спектакуларно лето. Заедно со поддршката на Министерството за култура,новата градска управа на Охрид и градоначаликот Никола Бакрачески, како и со помошта на нашите пријалтели, помагатели и спонзори, донатори ќе направиме чекор плус кон успехот“, најави директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска.

Со голем спектакуларен концерт на оперската ѕвезда Дмитри Хворостовски ќе се отвори 53-то издание на фестивалот. На 12  јули, на Антички љубителите на уметноста ќе имаат ретка прилика да уживаат во, како што вели стручната критика, моќниот глас на уметникот со вродено чувство за музика и природно легато.

„Со гордост можам да најавам голем спектакл за отворањето на фестивалот Охридско лето 2013. На сцената на Антички театар на 12 јули незаборавен настап на најголемата оперска ѕвезда Димитри Хворостовски. Убедена сум дека овој концерт ќе и донесе на публиката едно неповторливо доживување а ние ќе запишеме уште едно големо име од светската елитна сцена во богатата фестивалска историја“, рече Јанкуловска.

„За него и најстрогите критичари велат дека е врвот на самиот врв. Секој негов настап е проследен со многу позитивни коментари и критики. На свеченото отварање на „Охридско лето“ ќе настапува заедно со светски познатиот диригент и негов личен пријател Константин Орбелиан и оркестарот на Македонскат опера и балет“, истакна селекторката на музичкиот дел од фестивалот Гордана Јосифова – Неделковска на вчерашната пресконференција.

Според неа, годишното издание ќе донесе екслузивни уметници од врвен калибар кои никогаш не учествувале на фестивал во Македонија, но и стари пријатели кои повеќе пати ја плениле фестивалската публика и оставиле белег во историјата на „Охридско лето“.

„Два дена по свеченото орварање, на 14 јули ќе настапи дуото Корољов, Евгени Корољов и Љупка Хаџи – Георгиева, кои по долги години пауза ќе не почестат со целовечерен концерт. На 17 јули концерт ќе има светски познатиот виолончелист Антонио Менезес, а музичката програма на „Охридско лето 2013“ ќе ја затвориме на 19 август со атрактивен концерт на неверојатниот виолинист Немања Радуловиќ во придружба на виолинистката Сузан маноф. Се работи за уметник кој ги освоил сите награди и титули како „чудо од дете“, „откритие на годината“, „талент на годината“,“ појасни Јосифова – Неделковска.

И селекторот на драмскиот дел на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски најавува возбудлива програма чиј акцент ќе биде ставен на премиерните изведби на реномирани светски режисери и драми од познатите театарски куќи.

„Премиерата „Мизантоп“ од Жан Батист Поклен Молиер во режија на Драгана Милошеска во продукција на Народниот турски театар од Скопје ќе го отвори драмскиот фестивалски дел. Втората претстава е фантастичната политичка сатира која ни доаѓа од срцето на Обединетото Кралство, од Лондон. Ќе с еодигра и „Спортска претстава“ од австриската авторка Елфриде Јелинек во режија на Ванда Бутковиќ, а во продукција на Just a Mast театар од Лондон. И како трета би ја издвоил „Браќа Карамазови“ од Фјодор Достоевски, во режија на Дејан Пројковски и во продукција на театарот „Марин Држиќ“ од Дубровник, Хрватска“, најави Јолевски.

Програмата, како што беше речено на денешната прес-конференција во дирекцијата на фестивалот во Охрид, е во рамките на предвидените рокови и буџетот којшто е планиран за годинава.