Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска, во просториите на ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, присуствуваше и им се обрати на присутните на свечениот настан по повод одбележувањето на педесет и пет години од полонистиката во Македонија.
Заменик министерот Ристовски го истакна значењето на повеќе децениската размена на искуства, позитивни пракси и поддршка во областа на образованието меѓу двете земји, која минатата година беше засилена со потпишувањето на Спогодба меѓу Министерството за образование и наука на Република Македонија и Министерот за наука и високо образование на Република Полска за соработка во областа на науката и високото образование.
„Оваа спогодба отвори многу нови можности за соработка преку школување на студенти, докторанти, усовршување на академските наставници на двете земји, како и преку размена на научни работници и експерти. Од особено големо значење е обостраната подготвеност за поддршка на изучувањето на полскиот јазик и полската култура на македонските високообразовни установи и македонскиот јазик и македонската култура на полските високообразовни установи“ истакна во оваа прилика Ристовски, кој на присутните им го честиташе овој голем јубилеј.
На денешната свеченост се обратија и ректорот Велимир Стојковски, амбасадорот на Република Полска во Република Македонија Јацек Мултановски и проректорот на Шљонскиот универзитет од Полска проф. д-р Ришард Козиолек.