„Јавното претпријатие ЈП „ Билјанини извори“ со поддршка на Локалната самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески, води интензивни преговори со ЕВН за начинот на плаќање на заостанатиот наследен долг и вклучување на напојувањето со електрична енергија“ – изјави денеска директорот на претпријатието Ристе Мишев. Тој објасни дека голем дел од наследените долгови од претходното раководство ,кое недомаќински работело се сервисирани, сметката е одблокирана уште на почетокот на летото и дека е уверен за брзо решавање на проблемот со исклучената електрична енергија.
„Јавното претпријатие „Билјанини извори“ нема плаќано фактури за електрична енергија од неговото основање. Најголем долг е направен во периодот од 2007 до 2012 година, а своевиден рекорд во неплаќање обврски кон ЕВН Македонија е направен во 2010 година кога од фактурирани 2.025.497,оо денари, тогашното раководство успеало да плати едвај 11. 627,оо денари, додека во 2012 година, кога во предизборни цели беа хонорарно ангажирани нови вработени, успеале од 2.432.565,оо денари платиле едвај 25.385,оо денари.Ваквиот неодговорен однос резултирал со кумилиран долг од над 8 милиони денари.
Новото раководство започна со одговорен однос кон ова прашање и почна согласно можностите да го сервисира долгот за потрошена електрична енергија. Најголем дел од уплатите на ЈП „ Билјанини извори“ кон ЕВН се реализирани токму од новото раководство кое покрај со долгот за потрошена електрична енергија мораше да ги исплаќа и петте неисплатени плати и придонеси кон вработените, хонорари за Управен одбор, долгови кон други доверители, фантастично високи износи за ресторански услуги од стотици илјади денари и ред други сомнителни фактури, кои мораше да се платат, а истовремено претпријатието да се одржи во функција. Од петте неисплатени плати кои ги наследи претпријатието, покрај редовно што се иплаќа плата секој месец, останати се за исплата уште три плати“– рече директорот на ЈП „ Билјанини извори“ Ристе Мишев.