Автошколите ќе мора да вградат камери во возилата со кои ги обучуваат кандидатите за возачи, за да се контолира дали новите возачи ги исполниле сите норми, но и да се санкционираат евентуалните манипулации при обуката.
Ова го предвидува новиот предлог закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, според кој видео надзор автошколите ќе треба да постават и во училниците. Освен обуката, ќе се снима и полагањето на полигон и градското возење. Во случај кога во просторијата и вовозилото не се вклучени камерите, тој наставен час од програмата ќе се повтори на товар на автошколата.
Законот, кој што до крајот на годинава треба да влезе во собраниска процедура, предвидува задолжителни лиценци за инструкторите кои ќе имаат важност од пет години, а при нивно обновување ќе биде потребен нов лекарски преглед.
Автошколата ќе има обврска да ги документира видео снимките и да ги чува во архива најмалку 30 дена од денот на полагањето на испитот на кандидатот за возач.
Покрај новините во автошколите, новите законски измени предвидуваат и поостри санкции во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот и подигнување на возачката свест.
Се предвидува сообраќајците да издаваат два типа на казни, мандантни и прекршочни, со тоа што мандатните ќе треба да се платат за осум дена, или триесет за впишување на казнени поени, а потоа налогот оди во УЈП на извршување. Овие казни се однесуваат на помали прекршоци во сообраќајот.
Но, на пример за брзо возење и возење под дејство на алкохол, нема повеќе да им се простува половина од казната. Казната за минување на жолто или на црвено светло е иста, 300 евра, со можност да се плати половина во рок од осум дена.
Казните за возење под дејство на алкохол ќе се движат од 250 до 400 евра, со забрана за управување на возило во наредните 12 месеци. Одбивање на алкотест ќе чини 500 евра, а со новиот закон, полиицијата ќе може да го приведе пијаниот возач и да го задржи во станица најмногу 12 часа за да се отрезни.
Според новите измени, во 2017 година возачите ќе добијат и нови дозволи, со вграден чип, за да се автоматизира и олесни внесувањето на казнените поени.
Извор: Нет Прес