Законот за вработување на лица со инвалидитет значително ќе ја унапреди нивната состојба

Квотниот систем за вработување лица со инвалидност кој е предвиден со новото законско решение е значителен чекор напред и реформа која треба да го подобри нивниот живот. Со него ќе се зголеми јавната свест и ќе го подобри пристапот на лицата со инвалидност до работни места, согласни се учениците на денешната втора јавна дебата по ова законско решение. Од првата прифатени се забелешките за зајакнување на механизмите на заштита од злоупотреби и за почести контроли на примената на одредбите.

Законското решение за кое почнува јавна дебата предвидува вработување по едно лице со хендикеп на секои 35 вработени во една компанија. Законот се однесува и на приватниот и на јавниот сектор.

„Ова е клучна реформа која треба да го подобри вработувањето на лица со инвалидност и нивна поголема инклузивност. Не само да ја подигне јавната свест на институциите и на компаниите, туку да влијае на подобрување на пристапноста на инвалидите во Република Македонија“ изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната втора јавна дебата за новиот Закон за вработување лица со инвалидност.

Појасни дека на првата јавна расправа биле дадени предлози и препораки за зацврстување на мерките за заштита од можна злоупотреба на одредбите од законот, пред се, како што рече, поволностите при вработување на лицата со инвалидност, како и намалување на можностите за злоупотреба на воведувањето на квотниот систем на вработување на лица со инвалидност во Република Македонија кој треба да започне со примена од 1 октомври 2016 година. Побарани се и поголеми контроли од страна на државните институци и надлежните инспекторати за применувањето на одредбите од законот.

„Воведувањето на квотниот систем значително ќе влијае на намалувањето на бариерите со кои се соочуваат лицата со инвалидност, на отворање на нови работни места за овие лица. Проценките се дека ќе се отворат околу пет илјади работни места и тоа околу 1.700 во државната јавна администрација, а останатите во приватниот сектор. Сето ова ќе влијае за едно поинклузивно општество,“ рече Спасов.

Претседателот на Националниот сојуз на глуви на Република Македонија Васко Марков смета дека овој закон е голема промена и успех за лицата со инвалидитет.

„Со овој закон се надминуваат голем број проблеми со кои се соочуваа глувите лица во минатото кога се применуваше постојното законско решение. На него имаа поплаки голем број инвалидни лица кои потешко се вработуваа, нередовно им беа исплаќани плати, луѓето остануваа дома и не одеа на работа со што не се постигнуваше потребната нивна инклузија во општеството. Исто така се правеа злоупотреби со средствата кои за нив ги добиваа заштитните друштва“, рече Марков.

Поддршка за новото законско решение даде и Сојузот на синдикатите на Македонија.

„Став на ССМ е дека овој предложен текст на законот содржи добра правна основа за вклучување на овие лица на пазарот на труд. Сметаме дека квотниот систем ќе обезбеди директно вклучување на лицата со инвалидност во компаниите каде тие ќе можат да ги презентираат своите способности, можности и квалитети, затоа што честопати тие им се оспорувани поради извесни предрасуди или стереотипи,“ рече Лиле Петрова од ССМ.

Новото решение е добар чекор напред во унапредувањата на правата на лицата со инвалидност сметаат и од организацијата на работодавачи.

„Идејата е добра да се вклучат овие лица со инвалидност на пазарот на труд односно во стопанството, но тоа мора многу внимателно да се направи за да се направат големи финансиски проблеми на компаниите,“ рече Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Квотниот систем, предвидува работодавач од јавен и приватен сектор кој има над 35 вработени да има обврска да вработи по едно лице со инвалидност. Се предлага квотата да изнесува од два до шест отсто од вкупниот број вработени во зависност од дејноста која ја врши работодавачот, односно максимум 20 во случај кога се работи за работодавачи со над 1.000 вработени.

За вработувањето лица со хендикеп работодавачите ќе добијат финансиски стимул, односно ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси и персонален данок за вработените лица со хендикеп, ќе добијат дополнителна парична помош од 200.000 денари за сите приватни компании за приспособување на работното место согласно потребите на вработените лица со хендикеп и по 300.000 денари за заштитните друштва и за грант за самовработување на лица со хендикеп.

Оние работодавачи кои нема да го почитуваат законот ќе треба на месечна основа да издвојуваат по бруто минимална плата кој ќе оди во посебен фонд заедно со 10 проценти од придонесите по основ на невработеност кој се плаќаат за сите вработени. Од посебниот фонд ќе се обезбедуваат средства за ресоцијализација, реинтеграција и стручно оспособување на лицата и за финансиска помош за приватните компании за средства за гранд вработувања.

Проценките се дека со предложеното законско решение 2.059 работодавачи имаат над 35 вработени и оти би требало со примена на квотниот систем да се вработат над 5.000 лица, а само во јавниот сектор ќе се вработат околу 1.700 лица.

Според постоечката законска регулатива во земјава се регистрирани 291 заштитно трговско друштво со 6.741 вработен од кои 2.455 се лица со инвалидитет.