Примена на асистивната технологија во основното и средното образование

Во рамките на проектот на УСАИД за е- пристапно образование, здружението „ Отворете ги прозорците“ денеска во општина Охрид организира регионална тркалезна маса посветена на примената на асистивната информатичка технологија во редовното основно и средно образование.На тркалезната маса покрај од ОУ „ Братство Единство“ од Охрид, кое е дел од проектот од 2010 година, учествуваа претставници на партнерските училишта од Битола, Тетово, Гостивар, Дебар и селата Вратница, Бучин и Новаци.

„Асистивната информатичка технологија сега е поефтина и подостапна, со што се овозможува нејзина поширока примена во областа на образованието, особено за лицата со посебни потреби. Во таа насока, проектот на УСАИД за е- пристапно образование -еднаков пристап за еднакви можности е препознаен од министерствата за образование, за труд и социјална политика, за информатичко општество и од локалните самоуправи. Токму и општина Охрид преку ОУ „ Братсво Единство“ може да се пофали со одлични резултати од имплементацијата на овој проект и уверен сум дека овие проекти ќе продолжат“– рече на отворањето на тркалезната маса заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Покрај во Охрид, планирано е да се одржат тркалезни маси уште во три региони. Целта на овие активности е да се информира стручната и пошироката јавност за потребите, можностите и придобивките од примената на асистивната технологија во редовното образование, а учесниците да разменат искуства и позитивни практики.

Проектот кој се реализира во 31 основно и 2 средни училишта се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Министерството за информатичко општество и администрација.

trkalezna_masa_4001