Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во Музејот на македонската борба присуствуваше на ревијата на македонски традиционални народни носии од богатата ризница на Ансамблот на народни игри и песни „Танец“, активност која беше предвидена во рамките на одбележувањето на 65-годишнината од постоењето на оваа институција.
„Во својата културна мисија низ децениите, овој колектив, кој го носи епитетот најстар и единствен државен ансамбл од ваков вид, прерасна во достоен репрезент на она најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ, за што сведочат и бројните награди и признанија“, истакна министерката за култура, на која и беше врачена благодарница за промоција и афирмација на „Танец“. Канческа Милевска нагласи дека „Танец“ претставува национална гордост и е врвен промотор на духовни и културни вредности и традиции.
„Изведувајќи ги „Тешкото”, „Невестинско”, „Комитско”, „Чифте”, „Калајџиско”, „Тресеница”, „Осоговка” и ред други игри на многубројните настапи во „Карнеги хол“ во Њујорк, „Опера Хаус“ во Сиднеј, театарот „Бољшој“ во Москва и во многу други познати концертни арени во светот, „Танец“ одигра историска мисија и докажа дека Република Македонија, со својата богата традиција, зазема маркантно место во семејството на народите кои со гордост можат да ја споделат својата богата култура со целиот свет,“ наведе министерката за култура. Таа на сите сегашни и досегашни членови на овој колектив им упати голема благодарност за нивниот влог во градењето на реномето на оваа институција.
„Вашиот придонес во негувањето на културната традиција на нашата земја е пример за истрајност, трудољубивост и, секако, пожртвувано вложување во културата. Затоа, Вашиот труд и во иднина ќе остане на македонската културна сцена како трајна вредност, фундамент за уметничките креации на помладите генерации,“ рече Канческа-Милевска.
Јубилејното чествување на „Танец“ ќе заврши на 16 декември со голем концерт во Македонската опера и балет.