Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска им додели сертификати на учесниците на работилницата посветена на Меѓународното хуманитарно право, која се одржуваше од 17 ноември, во Домот на АРМ.
„Работилницата е одлична можност за подготовка на нашите мировници, бидејќи Меѓународното хуманитарно право е една од основните алатки, што секој војник и офицер, кој оди во мировни мисии треба добро да го познава“, рече Јолевски на затворањето на работилницата.
Соработката со Меѓународниот институт за хуманитарно право во Сан Ремо, според него, е од голема важност со оглед на активното и континуирано учество на припадниците на АРМ во неколкуте меѓународни мировни мисии.
„Се договоривме да продолжиме Воената академија заедно со Институтот Сан Ремо да прават вакви регионални курсеви, каде покануваме и претставници од земјите од регионот. Во рамки на Воената академија, каде од оваа година ќе почнеме со докторски студии, ќе има курс кој се однесува на Меѓународното хуманитарно право и ќе биде изучувано од страна на магистрантите и докторантите,“ додаде Јолевски.
На работилницата за хуманитарно право учествуваа претставници на АРМ, министерствата за внатрешни и надворешни работи.