Формирана Македонската медиумска асоцијација (ММА)

Петте национални телевизии Канал 5, Телма, Сител, Алсат М и Алфа, денеска ја формираа Македонската медиумска асоцијација (ММА), која е дел од Стопанската комора на Македонија.

Претседателот на асоцијацијата, Иван Мирчевски, истакна дека преку нивните активности ќе се залагаат за промена на законите кои не се во полза на медиумите, а ќе се грижат за правата на сите вработени во медиумите кои ги застапуваат.

Министерот Ивановски поздравувајќи ја идејата за формирањето на асоцијацијата истакна дека во изминатиот период воспоставена е плодна соработка со националните телевизиски куќи при донесувањето на медиумските закони, како и на законите за авторски и сродни права.

„Се надевам дека кон асоцијацијата ќе се приклучат и регионалните и локалните медиуми кои ќе проценат дека имаат интерес од тоа. Како министерство ќе соработуваме за сите евентуални измени на законите, како и за сузбивање на нелојалната конкуренција при рекламирањето. Македонија веќе може да искористува средства од медиа програмата на ЕУ за креирање на документарни, играни и друг вид програми, како и за развојот на медиумските куќи, па оттука заеднички ќе се стремиме да привлечеме повеќе средства за нивна реализација.“- нагласи министерот Ивановски.

Македонската медиумска асоцијација (ММА) се формира на иницијатива на заинтересираните телевизиски национални терестријални концесионери за развој на телевизиското концесионерство, како посебна форма на организирање и работење во рамки на Стопанската комора на Македонија, во којашто членуваат националните терестријални ТВ станици, како и останати заинтересирани телевизиски концесионери.