Економска владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, денеска на бизнис форум во Прага, пред чешката бизнис заедница ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.
На тркалезната маса „Унапредување на заемните инвестиции и бизнис соработката меѓу Македонија и Чешка“, на компаниите им беа посочени исклучително поволните услови кои нашата земја како бизнис дестинација им ги нуди на странските инвеститори.
„Македонската и чешката економија имаат солиден раст во текот на оваа година, Македонија со највисок раст во Европа и тоа создава основа за средби со чешките компании, бидејќи е очигледно дека има интерес за инвестирање надвор од нивната држава“, изјави Ставрески потенцирајќи ја улогата на дебатата меѓу чешката и македонската бизнис заедница.
Ставрески додаде дека пред чешките фирми беа објаснети можностите кои Македонија ги нуди преку добрата бизнис клима, преку ниските даноци и преку можноста да се произведува во Македонија, а да се продава на пазарот на 650 милиони потрошувачи, бидејќи Македонија има потпишано договори за слободна трговија со голем број земји, вклучително и земјите членки на ЕУ.
„Денешниот Форум беше можност за средба со триесетина компании во Чешка, кои се од повеќе различни сектори, како автомобилската индустрија, градежништвото, инфраструктурата, енегетскиот сектор, транспортот и компании од други области кои ги запознавме со можностите кои Македонија ги нуди и погодностите кои ги нудиме во слободните економски зони и верувам дека ќе има интерес за посета и интерес за инвестирање во нашата земји“, оцени Ставрески.
Форумот беше организиран од Чешката Стопанска комора и Министерството за индустрија и трговија во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Прага.
„Македонија е многу интересен пазар за чешките компании, пред се заради близината, пријателската средина и условите кои ги нуди. Тие можат да понудат повеќе продукти пред се од областа на инфраструктурата, модернизацијата на железницата, од областа на производството на енергија, чистење на отпадни води“, изјави за МИА Боривој Минар, потпретседател на Чешката стопанска комора.
Минар ја нагласи добрата соработка со Стопанската комора на Македонија и најави интензивно продолжување и продлабочување на соработката како за македонските компании во Чешка, така и на чешките во нашата земја.
Пред учесниците на Форумот, директорот на Агенцијата за странски инвестиции Климент Шеќеровски ги презентираше актуелните перспективи во Македонија, инвестициските можности и новите проекти во различни економски области.
Презентирајќи ја поволната бизнис клима, Шеќеровски ја претстави и Агенцијата за странски инвестиции како партнер на сите заинтересирани фирми за сите фази од нивното доаѓање и соработка во Македонија, како и поддршка за време на инвестицискиот процес и поддршка по завршувањето на сите процеси.
Во рамки на дводневната посета на Чешка, потпретседателот на македонската Влада и министер за финансии Ставрески ќе се сретне и со својот чешки колега Андреј Бабиш.