Утринава во 06,40 часот во ПС Пробиштип од страна на граѓанин пријавено е дека истиот слушнал неколку истрели во куќа сопственост на 51 годишно лице од Злетово а кратко потоа во истата полициска станица добиена е и втора пријава од граѓанка од Злетово дека слушната пукотници во куќата на нејзините родители. Веднаш откако се добиени пријавите излезено е на терен и констатирано е дека на посочените локации се убиени три лица и тоа двајцата родители на пријавителката Илија М.(65) и Јана М.(63) и сопственикот на куќата каде што најпрвин се слушнати истрелите Методи Д.(51).
Од преземените мерки утврден е идентитетот на осомничениот, односно дека станува збор за професионалниот војник на АРМ Д.М., од Злетово, на возраст од 40 години. Според сознанијата, по извршеното тројно убиство осомничениот се упатил во неговата куќа, односно во домот каде што живееле со сопругата, каде што физички се пресметале со нејзиниот брат. Во пресметката, братот на неговата сопруга успеал да му го одземе оружјето, службена автоматска пушка, за која постојат сомневања дека била употребана при убиствата и потоа истиот се дал во бегство.
Веднаш е стапено во контакт и со Армијата на Република Македонија, по што е утврдено дека истиот своеволно го напуштил работното место. Од направените проверки, утврдено е дека тој не поседува друго приватно оружје.
Увид на местото на настанот е извршен од страна на ОЈО во содејство со увидна екипа од СВР Штип. По преземени мерки во непосредна близина на бачило кај Злетово пронајдено е лице кое извршило самоубиство со бесење, и во тек е идентификација односно потврда на идентитетот на лицето и проверка на информациите дека станува збор за осомничениот.
Досега против осомничениот Д.М. се поднесени две кривични пријави за сторени кривични дела телесна повреда и тешка телесна повреда сторени во семејството.