Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска оствари средба со реномираниот уметник и амбасадор на македонската култура во Белград, Зафир Хаџиманов, кој одбележува значаен јубилеј, 70 години живот и 55 години плодно уметничко творештво…
По повод јубилејот, задутре во издание на „Пасворд продукција“ ќе биде објавен компакт-диск насловен „Како Вардар – најдоброто од Зафир Хаџиманов”, на кој ќе се најдат 19 најголеми хитови на Хаџиманов, меѓу кои „Како Вардар”, „Љуби ме и главата горе”, „Зајди, зајди”, „Од љубов не се бега”, како и интерпретации на поезија од Миладинов, Рацин, Радован Павловски…
Канческа-Милевска, честитајќи го значајниот настан, истакна дека Зафир Хаџиманов, како легендарно име на нашата сцена, зад себе има импозантна биографија со многубројни остварувања, успеси и награди.
„Ретко имаме уметник кој во себе обединува повеќе уметности, како театар, филм, книжевност, а сето творештво на Хаџиманов е од огромно значење за националната промоција на македонската култура“ – истакна Канческа-Милевска.
Таа додаде дека и е драго што Министерството за култура застана зад овој проект кој ќе биде вреден спомен и враќање на сеќавањето на песните кои се пеат и до ден-денес.
Хаџиманов изрази надеж дека ова ЦД ќе израдува голем број почитувачи на музиката што тој ја создава со децении.
„Џабе е да држиме говори за тоа колку сме најубави, најпаметни, патриоти, морални ако за тоа нема доказ. Еден таков доказ е ова ЦД кое излезе со поддршка од Министерството за култура на Македонија “– изјави македонскиот уметник Зафир Хаџиманов,
Не е лесно да се слави ваков јубилеј, додаде тој, колку што е убаво, има и горчлива страна.
„Годините си го прават своето и го носат она што не е најубаво, а тоа е староста. Се надевам дека ќе се видиме и за десет години“ – рече Хаџиманов.
По повод јубилејот, Зафир Хаџиманов доби подароци од министерката Канческа-Милевска – икона „Ангелот од Курбиново“ и книга со ДВД-изданието „Нашата прекрасна Македонија“.