Владата одлучи да им бидат отстапени 60 тони нафта од државните резреви на училиштата во општина Кичево, од кои 50 ќе бидат наменети за греење, а 10 за превоз на ученици. Нафтата ќе биде доволна до крајот на јануари, така што општината треба да почне постапка од февруари да обезбедува нафта за своите потреби.
Се работи за „Кузман Јосифоски-Питу“ и „Владимир Полежиноски“ со околу 1.200 ученици кои имаат блокирани сметки и не можат да набават нафта за греење.
„Ваквата одлука се должи на фактот што учениците веќе неколку недели не сладеат настава, но и поради спецификите кои ги има Кичево со наследените долгови од поранешните општини. Се надевам дека ќе успееме да се надмине состојбата и учениците од утре да почнат да следат настава,“ изјави министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми по отворањето на меѓународната научна конференција „Практичната настава на идните педагози, наставници и воспитувачи во мултикултурни средини – искуства и предизвици“.
Во врска со начинот на кој ќе се надоместат часовите додека наставата беше прекината, неговиот заменик Спиро Ристовски рече дека Бирото за развој на образованието веќе подготвило скратена програма за учениците во Кичево.
„Би сакал да апелирам, да не се создаваат забуни и да не се наведуваат учениците на какви било недоразбирања во однос на досегашната состојба. Бирото за развој на образованието ја има подготвено програмата по која учениците во овие училишта ќе работат и следната недела ќе биде одобрена,“ рече Ристовски по конференцијата за стручно и практично образование против невработеноста на младите.
Адеми рече дека интервенирањето на државата за обезбедување нафта нема да важи за другите општини, а Кичево е исклучок зашто ги наследила долговите на петте припоени општини.
„Општина Кичево има специфики кои другите општини ги немаат. Во моментив не размислуваме за други општини на ваков начин да им помогнеме. Општините сами треба да се залагаат да најдат решение. Кичево е новоформирана општина, се формираше пред година и пол и има наследени долгови од други општини, не само во образованието, туку и во другите сектори. Токму затоа Владата одлучи да му помогне на Кичево. Другите општини ги немаат овие специфики. Се надевам дека и за Кичево ова ќе биде последна помош од Владата од ваков вид“, рече Адеми.