Лаекен индикатори за сиромаштијата

Државниот завод за статистика, врз основа на податоците од Анкетата за приходи и услови за живеење која се спроведува во согласност со препораките на Европската унија, ги пресмета Лаекен индикаторите за сиромаштија за 2012 година. Основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60% од медијалниот еквивалентен приход.

Во ова соопштение Државниот завод за статистика, исто така, ги објавува ревидираните податоци за Лаекен индикаторите за сиромаштија за 2010 и 2011 година. Ревизијата е направена врз основа на имплементацијата на препораките од Евростат кои се однесуваат на калибрацијата на пондерите. Калибрација е техника за прилагодување на вредноста на пондерот за да се зголеми прецизноста на процената. Таа обезбедува начин на комбинирање на податоците од Анкетата со информации од други извори. Во истражувањето за приходи и услови за живеење податоците од процените на населението се земени како извор за калибрација на пондерите.

Според податоците, во 2012 година, стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесуваше 26.2%.

Анализирано по типови на домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2012 година е 24.3%. Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни вработени лица е 11.1%, а Gini коефициентот (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 38.8%.