ЈП „Охридски Комуналец“, како јавно претпријатие во чија надлежност е одржувањето на јавните парковски површини, дрвореди и скверови на територијата на општина Охрид, активно се вклучи во акцијата Ден на дрвото-засади ја својата иднина.
Активно се вклучивме во традиционалното одбележување на оваа акција каде Градоначалникот Никола Бакрачески заедно со претседателката на Советот Гордана Коњаноска, директорите на јавните претпријатија и раководители на општински сектори, симболички засадија зимзелени садници во градскиот парк.
Вработените од „Паркови и зеленило“ ја потпомогнаа акцијата со распределување и доставување на садниците кои ги донира ЈП „Македонски Шуми“ до сите воспитно-образовните институции: градинки, основни и средни училишта. Вкупно 300 садници од видовите бреза, јасен и аризонски чемпрес денеска ќе никнат во школските дворови и ќе ја разубавуваат околината на нашите најмлади сограѓани. Така симболички со растот на садниците ќе расте и свеста на младата популација за здрава животна средина.
Во населбата Рача се засадија садници околу новиот плоштад.
Денот на дрвото-засади ја својата иднина ја одбележаа и вработените од „Заеднички Служби“ при ЈП „Охридски Комуналец“ кои заедно со Директорката во дворот на претпријатието засадија 20 зимзелени садници од видот „туја“ од сопствено производство.