Министерот за образование и наука, м-р Абдилаќим Адеми, присуствуваше и им се обрати на присутните на Консултативната работилница посветена на деца со попреченост, во организација на УНИЦЕФ. Настанот, на кој присуствуваа претставници од сите релевантни институции и организации кои работат со лица со попреченост, се одржа со цел да се ревидираат преземените активности за обезбедување на еднакви можности за лицата со попреченост во остварувањето на своите правата и слободи, како и да се предложат конкретни чекори кои треба да се преземат во насока на создавање на услови за елиминирање на постоечките предизвици.
Министерот Адеми во своето обраќање истакна дека образованието, како загарантирано право на сите граѓани, треба да одговори на потребите на сите ученици и студенти, а Министерството за образование и наука континуирано работи на поставување на образовни стандарди кои ќе им овозможат на лицата со попреченост достапно и пристапно образование.
„Зголемувањето на вклученоста на децата со попреченост во основното и средното образование и превенцијата од рано напуштање на образованието се поттикнува преку имплементацијата на разни проекти, правилници и мерки за инклузија, преку адаптација на наставните содржини, како и преку инфраструктурно прилагодување и кадровско засилување на училиштата. Ова е важно, затоа што токму преку воспитно-образовниот процес младите луѓе со попреченост ќе ги стекнат вештините кои им се потребни за подоцна успешно да се вклучат на пазарот на труд“, истакна Адеми.
Адеми посочи дека во понатамошната работа на ова поле, токму безрезервната меѓуресорска соработка и активната вклученост на организациите кои ги застапуваат лицата со попреченост се клучни.
„Ние заедно сме одговорни да ја редефинираме перцепцијата за личностите со попреченост во нашето општество, односно да не гледаме на она малку што тие не можат да го направат заради ограничувањата во околината, туку на сè она што тие го можат. Ова е релевантна тема која не само што го засега квалитетот на животот на лицата со попреченост, туку и на нивните семејства, а целото општество може да има само бенефит од интегрирањето и инклузијата на сите поединци“, додаде тој.